Алтернатива: Владата да ги ангажира сите професионални ресурси во битката против ковид-19

За жал, оваа Влада, Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести не ги презедоа потребните мерки за да го спречат навремено ширењето на инфекцијата со ковид-19 и ја занемарија потребата да се подготват за вториот бран.

200

Загрижени поради актуелната сериозна состојба со јавното здравје во нашата земја и за тоа што може да следи, Алтернатива сака да алармира за крајно несериозниот и неодговорен пристап на Министерството за здравство, Комисијата за заразни болести и, воопшто, на Владата, за управување со пандемијата, за итната потреба да се ангажираат сите професионални ресурси од различните сектори за справување со оваа длабоко влошена состојба и за неопходноста од подигање на свеста на нашите граѓани за почитување на мерките за спречување на ширењето на инфекцијата, рече нан прес конференција Хисни Исмаили од Алтернатива.

– За жал, оваа Влада, Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести не ги презедоа потребните мерки за да го спречат навремено ширењето на инфекцијата со ковид-19 и ја занемарија потребата да се подготват за вториот бран. Како последица на тоа, нашата земја денес се соочува со вториот бран на пандемијата, која доаѓа со многу голем број на заразени и болни со ковид-19, а и со многу смртни случаи – рече Исмаили.






Оваа ситуација го покажа следното: недостаток на капацитети, медицинска опрема и други материјали за лекување, особено во потешките случаи, но и на другите хоспитализирани пациенти. Недостаток на потребниот медицински персонал, ова како последица на континуираната инфекција и болест на голем број од овој персонал во услови на отсуство на несоодветните материјали и простории во голем дел од болниците во нашата земја, хаосот, лошото управување и неправилната и нефункционална комуникација помеѓу ковид-центрите. Губење на довербата во нашиот здравствен систем, политизација на здравството и судир со други интереси и недостаток на унифициран и усвоен протокол за лекување на овие пациенти.

– За жал, надлежните институции со својата неодговорност нè доведоа до критична ситуација, каде што „вториот бран“ на пандемијата нè опфати како смртоносна бура, која секој ден сè повеќе ги одзема животите на луѓето од различна возраст. Да не заборавиме дека Северна Македонија е на прво место во Европа според смртноста од ковид-19, ова можеби и од недостаток и лошо менаџирање со кислород на пациентите кои лежат во болници.  Во време кога министерот за здравство изјавува дека и болничките капацитети на приватните болници ќе бидат ангажирани во справувањето со пациентите со ковид-19, во време кога Владата прогласува 30-дневна кризна состојба, разбирливо е дека јавниот здравствен систем во нашата земја е пред колапс и дека јавното здравје е влошено многу – констатира Исмаили.

Според него, од оваа катастрофа на нашиот здравствен систем страдаат и хронично болните и другите пациенти, кои се дијагностицираат и се третираат со доцнење или кои продолжуваат да не се дијагностицираат. Оваа состојба има сериозни последици по здравјето на овие пациенти, но никој од надлежните институции не е заинтересиран и не го цени тоа, бидејќи тие се преплавени од неможноста да се справуваат со оваа состојба. Веќе е очигледно дека Владата нема способност за справување со оваа криза, но сметката за овој неуспех ја плаќаат граѓаните со здравствени последици, со економски и социјални последици, но – за жал – голем број случаи и со нивните животи.

– Исклучително загрижени за здравјето на нашите граѓани, за економијата и за социјалните проблеми на семејствата, бараме Владата да престане да ја политизира пандемијата и да биде отворена за сите што можат да помогнат, со цел да не се нанесува штета уште повеќе по здравјето на граѓаните. Инаку, на земјата ѝ треба итно друга влада. Граѓаните треба строго да ги почитуваат мерките за заштита на здравјето и да водат максимална грижа со цел да не бидат ниту жртви на инфекцијата, ниту пак, извор на инфекцијата – вели Исмаили.

 

Поврзани содржини