Учениците, студентите, како и целиот образовен систем, се соочуваат со големи проблеми и потешкотии во исполнување на воспитно-образовната цел. Ова истражување откри дека Министерството за образование и наука не било подготвено за почеток на учебната година и дека само импровизира настава, што секако ќе се рефлектира и во успехот на учениците, велат од Алтернатива повикувајќи се на анкетата која ја спровеле.
Анкетата е спроведена од 10 до 15 октомври 2020 година и на неа учествувале над 5.000 ученици и студенти.
– Врз основа на графиконите на анкетата и собраните податоци, може да се заклучи дека повеќето од испитаниците (79,5%) ја следат редовно наставата онлајн. Од одговорите на поставените прашања забележуваме дека тие не се задоволни од платформата на Министерството за образование и наука (МОН) и дека наидуваат на повеќе тешкотии, како на пр.: недостаток на потребниот простор за следење на онлајн настава, слаба интернет мрежа, нефункционирање на платформата на МОН (schools.mk) или блокирање на програмата Microsoft teams, недостаток на електронска опрема, недостаток на концентрација и сл. Проблемот е поголем во оние семејства со 2, 3 или повеќе ученици, кои треба да следат наставата онлајн. Повеќето или 64,7 отсто од нив одговорија дека ако им биде побарано да се приклучат сите на онлајн настава во исто време, тие не можат да го сторат тоа, затоа што немаат уреди за секое дете посебно или воопшто немаат – велат од Алтернатива.
Учениците онлајн наставата најмногу ја следат преку мобилен телефон или 75,6 отсто. Друг проблем во онлајн наставата е недостатокот на дидактичките материјали, како што се учебниците (книгите) или работните тетратки за решавање на задачи и други дополнителни средства, кои не се во дигитална форма за одвивање на наставниот процес, за што се жалат и наставниците, кои се соочуваат со недостаток на основните услови за настава, како што се опремата за онлајн работа, недоволниот интернет итн.
– Најдобро би било наставата да биде прекината и да се направат сите подготовки таа да започне во јануари и тоа со физичко присуство. Тогаш и пандемијата може да заврши, но и сите недостатоци што се веќе евидентни може да се отстранат. За настава со физичко присуство се 95 отсто од учениците и студентите кои беа анкетирани од нас. МОН да обезбеди учебници и други материјали потребни за настава во дигитална форма. За оние училишта кои ги исполнуваат условите за настава со физичко присуство, каде што бројот на учениците е прифатлив и каде се исполнуваат здравствените препораки и кои ги почитуваат протоколите, предлагаме наставата да се одвива со физичко присуство. Не треба да се занемари можноста за комбинирана настава. Штом состојбата со пандемијата се стабилизира, предлагаме брза интервенција, со цел веднаш да се почне настава со физичко присуство (96,3 отсто од анкетираните проценуваат дека наставата со физичко присуство е попродуктивна). Бидејќи сме во пресрет на новогодишните празници, кога главно се прават поголеми трошоци, сметаме дека тие се непотребни во овие услови, па затоа предлагаме да не се трошат пари за овие празници, туку тие средства да се насочат кон поддршка на семејствата и институциите кои имаат потреба да го спроведат образовниот процес со потребната опрема. Сите буџетски средства, кои во моментов не се користат од институциите заради пандемијата, да бидат наменети за одвивање на образовниот процес – велат од Алтернатива.