АЛТЕРНАТИВА ОБВИНИ ДЕКА КАДРИ НА СЕЛА И АХМЕТИ СЕ КРИМИНАЛЦИ Висок функционер на „Европскиот фронт“ уапсен за нелегално интернет коцкање
Додека пратениците на Зијадин Села се гласни во Собранието за наводна дислокација на казината, во Боговиње на дело е фатен и уапсен шефот на нивниот тамошен огранок Сафет Мифтари, воедно и заменик-директор на „Македонски шуми“, соопшти партијата Алтернатива, која е дел од владејачката „Вреди“
Висок функционер на „Европскиот фронт“ организира нелегално интернет коцкање, што е невиден скандал, соопшти денеска партијата Алтернатива, која е дел од владејачката коалиција „Вреди“.
„Кога лажните моралисти се обидуваат да продаваат чесност, им паѓаат маските! Додека пратениците на Зијадин Села се гласни во Собранието за наводна дислокација на казината, во Боговиње на дело е фатен и уапсен шефот на нивниот тамошен огранок Сафет Мифтари, воедно и заменик-директор на „Македонски шуми“. Ова е невиден скандал, висок функционер на Европски фронт, организира нелегално интернет коцкање. Овој чин не само што претставува сериозно кршење на законот, туку јасно покажува дека семејствата за кои неговата партија тврди дека ги заштитува, всушност се жртви на криминални активности, поддржани од нивните лидери“, соопшти Алтернатива.
Еве зошто, се додава во соопштението, опозициските пратеници на Али Ахмети и Зијадин Села не сакаа да го поддржат барањето за автентично толкување на Законот за игри на среќа, поднесен од „Вреди“, чија цел е отстранување на коцката од домовите.
„Затоа што си ги штитат своите кадри кои се до гуша заглавени во криминални зделки поврзани со коцкање. Граѓаните да бидат спокојни. Автентичното толкување е прв чекор од планот за справување со штетните последици од коцкањето“, се вели во соопштението.
Се додава и дека следува „справување со криминалот сторен преку одлуки на поранешната влада и поранешното раководство на државната лотарија“ и дека во разумен рок ќе има нов закон за игри на среќа, со кој „ќе се намали бројот на коцкарници најмалку за половина“.
„После ваков скандал „Европскиот фронт“ го губи правото да зборува било што на тема справување со коцкањето, бидејќи самите предизвикуваат тешки последици за граѓаните, особено за младите, со единствена цел, да си ги збогатат сметките со нелегално коцкање“, порачува партијата Алтернатива.
Денеска во Собранието Законодавно-правната комисија констатираше дека предлог-измените на Законот за игрите на среќа и за забавните игри што го поднесе „Европскиот фронт“ не се прифатливи. Претседателот на Законодавно-правната комисија Александар Велјановски соопшти дека вчера матичното работно тело Комисијата за финансирање и буџет констатирала дека овој закон не е прифатлив и не треба да се даде на натамошно читање.
Еден од предлагачите, пратеничката на „Европски фронт“ Иљире Даути во образложението на законското решение нагласи дека со измените и дополнувањата бараат објектите на игрите на среќа дејноста да ја вршат само во хотели со пет ѕвезди.
– Нема место околу училиштата, верските и културните објекти каде нема вакви објекти. Сите ние треба да претендираме да сме држава, среќата на народот да биде преку вработувања и други работи за да имаат материјални придобивки, а не на овој начин. Целиот проблем е во тоа дека нема ограничувања каде ќе се одвиваат овие дејности, односно секој објект што е слободен може да се искористи без ниту една пречка за приредување на игри на среќа – рече Даути.
Во предлог-измените што не поминаа стои и дека приредувачите на игри на среќа во казината, обложувалниците, автомат-клубовите, за секое истакнување на назив, реклами, објави и огласи на јавни места како и за назив на деловна просторија, треба да плаќаат месечен износ од 200 евра во денарска противвредност за секој квадратен метар од површината на рекламата. Парите собрани по овој основ треба да се уплаќаат на посебна сметка на општината на чија територија се наоѓа просторијата, а општините да ги користат за поддршка на спортот, лицата со посебни потреби, инвалидските организации и здруженијата на граѓани за борба против семејното насилство.