АЛТЕРНАТИВА И ДУИ СЕ СПРОТИВСТАВЕНИ ПАРТИИ, АМА ИМААТ ЗАЕДНИЧКИ ИНТЕРЕСИ Следните три месеци се клучни за почеток на преговорите со ЕУ
Не сакам да водиме внатрешна битка и не сакам двете партии да се блокираат една со друга. Ние сакаме да му служиме на народот, на Албанците, изјави лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, во интервју за „Косова Прес“.
Имаме ново парламентарно мнозинство со 64 пратеници и многу сме блиску до отворање на преговорите со Европската Унија во јануари, февруари или на почетокот на март идната година, вели лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, во интервју за „Косова Прес“, пренесува весникот „Лајм“.
Гаши во интервјуто вели дека токму неговата партија претставувала клуч за решавањето на политичката криза во Македонија.
– Алтернатива со своите четворица пратеници го формира парламентарното владејачко мнозинство со вкупно 64 пратеници, а нашата партија е видена како клуч за решавањето на политичката криза која би предизвикала и други последици во поглед на надминување на ќорсокакот со Бугарија. Сега сме многу блиску до отворање на преговорите со ЕУ, а јануари, февруари и март се месеците кои се навистина клучни за нас. Отворањето на преговорите е сјајна вест. Алтернатива не сакаше да биде прокоцкана оваа можност за државата, за Албанците и за целиот регион – вели Гаши.
На прашањето дали Алтернатива ги закопува секирите со ДУИ, Гаши објаснува дека Алтернатива и ДУИ се различни партии, но дека и двете партии ги соединуваат заедничките интереси на Албанците во Македонија.
– Вклучувањето на Алтернатива во владата не претставува внатрешна битка помеѓу Албанците, бидејќи ние работиме за интересите на Албанците. Алтернатива и ДУИ се две спротивставени партии, но има многу работа за Албанците и тоа значи дека двете партии имаат заеднички интереси. Не сакам да водиме внатрешна битка и не сакам двете партии да се блокираат една со друга. Ние сакаме да му служиме на народот, на Албанците. Сакаме да имаме коректни односи со сите субјекти, не само со оние во власта, туку и со албанските партии во опозицијата. Настојуваме да одржиме коректни односи затоа што ние сме мултиетничка држава и етничкото реализирање на Албанците од уставно-правен аспект не е завршено целосно – истакнува Гаши.