📽️ ЈАЛОВИНА ОД „БУЛМАК“ ИСТЕЧЕ ВО КРИВА РЕКА Дефектот е саниран, следат мерки и санкција за компанијата

По комплетирање на целосната документација и инспекциската постапка, ДИЖС ќе има посебен пост за превземените мерки и санкции спрема правното и одговорното лице во правното лице предвидени со законската регулатива, надедуваат од Државен инспекторат за животна средина.

409

Дефект на цевка на излезот од флотацијата во „Булмак“ предизвика излевање јаловина во Крива Река, при што реката е загадена од излезот на Тораница долж целиот тек.

Општинскиот инспектор за животна средина Зоран Павловски информира дека по увид на местото утврдено е дека хаваријата се случила на цевка со профил Ф-250 милиметри на излезот на флотација до таложниците.






– На самата локација веќе нема истекување на јаловина, екипа од рудникот работи со механизација на санација на цевката, но при пукањето на цевката истечена е неодредена количина концентрат – јаловина по асфалтен пат со нагиб кон Крива Река. Загадена е целата река, од рудникот долж течението, што секако ќе има последици. Се очекува да биде завршена поправката и уште еднаш ќе нагласам, при увидот констатирано е дека нема веќе истекување јаловина – рече Павловски.

Од Државниот инспекторат за животна средина велат дека од добивање на информација по е-пошта и телефонска комуникација со одговорното лице за животна средина за случен еколошки инцидент, од страна на двајца државни инспектори за животна средина од Крива Паланка-Зоран Стојнев и Пробиштип-Благој Игновски од Одделението за инспекциски надзор во животната средина-Североисточен и Источен регион, врз основа на налог за вонреден инспекциски надзор издаден од в.д директор на ДИЖС м-р Ивана Гиновска извршeн е вонреден инспекциски надзор на лице место во правниот субјект БУЛМАК 2016 ДООЕЛ Пробиштип подружница Рудник Тораница Крива Паланка кој поседува А-Интегрирана Еколошка Дозвола издадена од МЖСПП, Управа за животна средина, а надлежна институција за вршење на инспекциски надзор е ДИЖС, објави Државен инспекторат за животна средина на својот фејсбук профил.

„При вршење на вонредниот инспекциски надзор на лице место беа присутни претставници од горенаведениот правниот субјект Антонио Антовски и Стојанче Велков, а од изјава на одговорното лице сме известени дека на ден 14.03.2025 година во 6:30 часот дошло до пукање на главниот цевковод за технолошка вода во должина околу 6 метри. Со овој цевковод се снадбува со технолошка вода погонот Флотација. Овој цевовод ги зафаќа јамските води и дел од Тораничка река. При пукање на цевката со димензии ф-350 и поради големиот притисок кој доаѓа од големата висинска разлика, водата се излеала низ индустрискиот круг и во делот кај главниот влез во рудникот се влеала во Тораничка река каде дошло до заматување на истата, по што како така заматена вода се влеала во Крива река“, соопшти Државен инспекторат за животна средина.

„Од изјава на одговорните лица ДИЖС е известен дека јамската вода која се користи како технолошка е механички заматена од работните активности во јамските простории односно движење на јамската механизација, движење на работниците во просториите и други работни активности. Околу 15.00 часот е заменета целосно цевката, со што е отстранета опасноста од понатамошно неконтролирано излевање на јамска вода“, стои во објавата.

По комплетирање на целосната документација и инспекциската постапка, ДИЖС ќе има посебен пост за превземените мерки и санкции спрема правното и одговорното лице во правното лице предвидени со законската регулатива, надедуваат од Државен инспекторат за животна средина.

Поврзани содржини