АЛМА КРИЛИЌ ХРАПОВИЌ Галеника има мисија да стане регионален лидер
Во првиот квартал од 2021 година, извозот на Галеника во регионот - Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора - се зголеми за 147% во споредба со истиот период во 2020 година.
Галеника не ги крие своите амбиции да се наметне како регионален лидер во фармацевтската индустрија. Тоа е повеќе од визија за новиот менаџмент, тоа е нашата мисија која веќе ја реализираме, порачува Алма Крилиќ Храповиќ, менаџер за регионален развој на продажба во Галеника. Откако во 2017 година стана дел од бразилската NC Групација, која ја вклучува EMS, најголемата фармацевтска компанија во Бразил и една од најголемите фармацевтски компании во цела Латинска Америка, српската компанија го зајакна своето присуство на пазарите во регионот. Стратешкото партнерство со бразилскиот инвеститор резултираше со обемни инвестиции, кои ја донесоа Галеника на високото и стабилно второ место според уделот на фармацевтскиот пазар во Србија и придонесоа за раст на извозот на пазарите во регионот – Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
За плановите на Галеника во Северна Македонија и за нејзината улога во регионот разговараме со менаџерот за регионален развој на продажба во Галеника, Алма Крилиќ Храповиќ.
Најмалку седум децении е градена довербата меѓу македонските потрошувачи и Галеника од Србија. Откако стана дел од бразилската групација NC, Галеника избива на површината како нов, но докажан играч на регионалниот пазар. Која е новата визија на Галеника за регионот?
– Галеника годинава прославува 76 години од основањето и со своите производи толку време е присутна на регионалниот пазар. Со своето искуство и квалитет веќе е докажан регионален гигант, но таа улога повторно заживува со приватизацијата од 2017 година, кога Галеника стана дел и од бразилската NC Групација. Ова стратешко партнерство креираше услови за Галеника да ја зацврсти својата регионална улога, како компанија ориентирана кон иднината со јасна деловна мисија и иновативен начин на размислување. Галеника посвети внимание на пазарите во регионот и во последните три години го зголеми извозот во Северна Македонија, Босна и Херцеговина и во Црна Гора за една третина. Исто така, го зголеми своето присуство на меѓународните пазари надвор од регионот со 4 нови пазари и е активно присутна на 14 пазари во Европа, Блискиот исток и во Африка, каде што за повеќе од двојно го зголеми извозот. Визијата на Галеника е да биде компанија што носи иновации, создава трендови и при тоа не ги крие своите амбиции да биде регионален лидер. Односно, да се стане регионален лидер за Галеника е повеќе од визија, тоа е мисијата на која веќе работиме посветено. Ја имаме основата, знаењето, квалитетот и традицијата што се својствени на Галеника, додека од другата страна стратешкото партнерство со сестрата компанија од Бразил, EMS носи трансфер на технологија за да ја реализираме таа мисија.
Дали плановите на Галеника регионално предвидуваат нови аквизиции, отворање на нови производствени погони, или извозот ќе биде главниот асет за реализација на плановите за раст?
– Стратешката цел на Галеника е понатамошен развој на компанијата и истражување во областа на фармацијата. Компанијата работи на понатамошно зголемување на присуството на регионалните и меѓународните пазари и бара можности да се шири. Производите на Галеника го најдоа своето место на регионалните пазари, како и пазарите на Европската унија и пошироко. Практично со ова, извозот во моментов е главниот асет за раст кој не ги исклучува останатите можности.
Кои се клучните пазари за Галеника надвор од Србија, односно регионално и пошироко во светот?
– За Галеника сите пазари се клучни, особено во функција на исполнување на својата цел да биде лидер. Трансферот на технологија што го носи бразилскиот партнер дополнително ја зацврстуваат позицијата на Галеника на странските пазари. Компанијата е посветена на значителен раст на портфолиото – со регистрација и лансирање на пет нови производи годишно во следните пет години. Ние сме сигурен партнер на заедниците каде работиме. И нашите инвестиции се насочени кон современите потреби на сите пазари каде сме присутни, кон потребите на пациентите и потрошувачите, за кои веруваме дека ќе се реализираат преку потенцијалот на нашиот професионален регионален тим.
Колку сте задоволни од позицијата што компанијата ја има на пазарот во Македонија, како и во регионот? Што ново може да очекуваат македонските потрошувачи во следните месеци?
– Поставивме цел да го зајакнеме нашето регионално присуство. Ова, се разбира, го вклучува пазарот во Северна Македонија. За илустрација, во првиот квартал од 2021 година, извозот во регионот – Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора – се зголеми за 147% во споредба со истиот период во 2020 година.
Присутни сме на пазарот во Северна Македонија со разновидни производи – лекови на рецепт, лекови без рецепт (ОТЦ), козметички производи и додатоци во исхраната, вклучувајќи производи за зајакнување на имунитетот. Покрај тоа, нашата цел е да бидеме стабилен и сигурен партнер за сите засегнати страни – пациенти, потрошувачи, односно целата заедница, како и за нашите вработени во чиј развој е посветена компанијата.
Галеника има традиција што ја прави препознатлива во регионот, а она по што потрошувачите ја паметат и сакаат е тоа што е посветена на луѓето и верна на здравјето.