🎥 АЛКАРАЗ ПОБЕДНИК НА УС ОПЕН Маестрална победа во тенискиот двобој со Синер

Шпанецот сериозно ја наметна доминацијата, користејќи агресивна игра и разновидна тактика и уверливо го совлада Синер. Во публиката беше и Доналд Трамп.

461

Под светлата на Артур Еш стадионот во Њујорк, 22-годишниот Шпанец Карлос Алкараз вечерва ја врати светската број 1 позиција, со впечатлива победа над актуелниот шампион, Јаник Синер, во финалето на УС Опен (6-2, 3-6, 6-1, 6-4). Овој триумф му донесе вкупно шест гренд слем титули и второ освојување на УС Опен, откако првпат триумфираше во 2022 година.






Од почетокот на натпреварот, Алкараз сериозно ја наметна доминацијата, користејќи агресивна игра и разновидна тактика. Со комбинација на слајсови, дроп-шотови и силни сервиси, тој го извади од ритам Синер уште во првиот сет.

Тежината на овој дуел дополнително се зголеми поради присуството на претседателот на САД, Доналд Трамп, кој ја направи средбата уште поспектакулалрна, но истовремено предизвика задоцнет почеток поради зајакнатите безбедносни мерки.

Сепак, Синер не се предаде лесно. Тој со силен отпор го освои вториот сет, намалувајќи го водството на Алкараз и внесувајќи неизвесност во мечот.

Во продолжението, Алкараз возврати со целосна доминација. Третиот сет го освои убедливо со 6-1, а во четвртиот го скрши отпорот на својот ривал. Со оваа победа, неговиот биланс против Синер сега е 10-5, а рекордот за освоени титули постојано расте.

Покрај тоа, Алкараз стана втор најмлад тенисер во професионалната ера кој стигнал до шест Гренд слем титули, веднаш зад легендарниот Бјорн Борг.

Во своето поздравно обраќање до публиката и својот тим, Алкараз рече:

– Секое мое достигнување е благодарение на вас. Овој турнир е навистина посебен за мене. Се чувствувам како дома, ја чувствувам енергијата и љубовта, и секогаш се обидувам да играм најдобро за вас.

По мечот, Алкараз откри дека одличната игра е резултат на внимателна анализа на претходната финална средба со Синер на Вимблдон.

– Ја проучив Вимблдонската финална пресметка. Го забележавме секој детаљ и работевме на тоа. Го направив сето она што тимот ми кажа дека треба да го направам – и функционираше – рече тој

 

Поврзани содржини