АЛКАЛОИД И УНИВЕРЗИТЕТОТ „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ ПОТПИШАА МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА Фокусот ќе биде на одржливи фармацевтски пакувања

Меморандумот се однесува на реализацијата на заеднички проекти за стручноапликативни и научноистражувачки работи, а во фокусот ќе биде имплементацијата на одржливи фармацевтски пакувања, која ќе се спроведува во неколку фази до 2030 година.

104

Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) од Штип, проф. д-р Дејан Мираковски, деканката на Факултетот за медицински науки при Универзитетот, проф. д-р Милка Здравковскa, и генералниот директор/претседател на УО на „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов, потпишаа Меморандум за соработка, чија цел е реализирање заеднички проекти за унапредување и продлабочување на меѓусебната соработка и експертиза. Покрај студиските програми, тековните програми за практикантство, како и соработката на специјалистички трудови и докторски дисертации, Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и „Алкалоид“ ќе започнат проект за имплементација на одржливи пакувања за фармацевтските производи на компанијата, кој ќе се одвива во период од 5 години и ќе се спроведува во три фази.

Станува збор за исполнување на сообразноста со новата регулатива на Европската Унија за одржливи пакувања [Packaging and Packaging Waste Regulation (EU) 2025/40 (PPWR)], која стапи во сила на 11 февруари годинава, а со која фармацевтските индустрии се обврзани до 2030 година за своите производи да имаат пакувања кои ќе бидат подготвени за рециклирање, а производите кои нема да имаат таква опција ќе бидат забранети за пласман на пазарите во ЕУ и пошироко. До 2035 година 55% од сите амбалажи во фармацевтската индустрија ќе треба да бидат рециклирачки, а до 2038 година пазарите на Унијата ќе дозволат пласирање само фармацевтски производи чии амбалажи имаат оценки за рециклирање А и Б.






Со оглед на фактот дека фармацевтската индустрија е една од најстрого регулираните индустрии во светот, вклучувањето на академската заедница е еден од неопходните предуслови за поефикасно и целесообразно имплементирање на овој обемен и комплексен проект. Носители на проектите опфатени со Меморандумот за соработка од страна на „Алкалоид“ се Одделот за глобален развој и Одделот за контрола на квалитет, а од страна на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, покрај ректорот и деканката на Факултетот за медицински науки, вклучени се и доцент д-р Ивана Митревска и асистент Дино Карпичаров како надлежни за целокупната имплементација на активностите.

Целта на проектот за одржливи пакувања на фармацевтските производи ќе биде да се минимизира негативното влијание врз животната средина и да се овозможи максимално искористување на ресурсите, што претставува една од главните цели на кружната економија и еден од клучните принципи на политиката за еколошко, општествено и корпоративно управување (ESG), втемелена во корпоративната пракса на „Алкалоид“.

 

Поврзани содржини