АЛИУ ЌЕ БАРА И ДРУГИ ДОКТОРИ НА „БЕЛО“ Министерот најави воведување на тестови за дрога во здравството

Министерот Алиу вели дека ќе се направат сите напори законски да се вметне тој член и дека правниците работат на тоа.

149

Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека се разгледува можноста за воведување токсиколошки тестови за здравствените работници, по скандалот со поранешниот директор на Клиниката за неврологија, Игор Кузмановски, чија снимка со бела прашкаста материја беше објавена на социјалните мрежи.

– Имаме 12 работни групи кои работат на измена и синхронизација на законите, со цел да нема колизија меѓу нив. Една од можностите што ќе ја разгледаме е дали во некои од законите може да биде и тој член – изјави Алиу, одговарајќи на новинарско прашање во врска со воведувањето токсиколошки тестови за лекарите.






Тој го даде овој коментар за време на посетата на комплетно реновираното одделение на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).

Алиу додаде дека евентуалните санкции во вакви случаи ќе бидат предмет на анализа на правниците кои ги подготвуваат законските измени.

– Во вакви случаи има индикатори, и ако се утврди отстапување, ќе се предвидат санкции – рече министерот.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на истиот настан, истакна дека Владата итно реагирала по објавената снимка на социјалните мрежи.

– Тоа што се случи, се случи. Не треба да се навраќаме назад. Биографијата на професорот е импозантна, ретко видена на Балканот. Но, тој имал момент на слабост, кој, претпоставувам, ќе го следи целиот живот. Ние како Влада реагиравме веднаш откако нелегалниот материјал се појави – изјави Мицкоски.

Откако видеото беше објавено, Министерството за здравство го разреши Игор Кузмановски од функцијата директор на Клиниката за неврологија, а за нов вршител на должноста беше назначен д-р Јован Божиновски.

Поврзани содржини