Алијанса за Албанците излезе со остра реакција за средбата меѓу шефот на државата Стево Пендаровски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Според опозициската партија, со вчерашната средба, правдата во земјава е погребана. Алијанса ја обвини и владејачката ДУИ, за која рече дека се спремни да дадат сè за да избегаат од правдата за сите злосторства што ги сториле.
– Претседателот Стево Пендаровски и лидерот на македонската опозиција, Христијан Мицкоски, одлучуваат и вршат притисок врз судовите и обвинителството во врска со најсериозниот терористички акт во земјава, насилството врз највисоката институција и избраните претставници на народот. За да го легитимираат целиот овој скандал, тие му наложуваат на претседателот на партија на Албанците во Владата, Али Ахмети, да излезе и уште порешително да суди дека на 27 април немало тероризам…. тие никогаш не ја отворија устата, ниту за монтираните случаи против Албанците, ниту за амнестијата на убиецот на малиот Алмир – рече Наим Бајрами од Алијанса за Албанците.