Зибери прво ќе седне во новата фотелја, па Села и Гаши ќе речат „оп“
Алијанса и Алтернатива сметаат дека Зибери е човек на ДУИ, а не натпартиска личност и поради тоа не треба да биде на чело на институција која треба граѓаните да ги штити од институциите и од повреда на нивните права.
Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе покренат иницијатива пред Уставен суд со која ќе бараат да се оспори изборот на Насер Зибери за народен правобранител, веднаш откако тој идната недела ќе почне да ја извршува функцијата. Пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците за Плусинфо потврди дека чекаат Зибери да ја преземе функцијата за да поднесат иницијатива за оспорување на неговиот избор.
Алијанса и Алтернатива сметаат дека Зибери е човек на ДУИ, а не натпартиска личност и поради тоа не треба да биде на чело на институција која треба граѓаните да ги штити од институциите и од повреда на нивните права.
– Во изборната кампања за парламентарните избори, Зибери јавно повикуваше да се гласа за бројот 9, односно за ДУИ. Тој водеше кампања заедно со министрите, замениците, целиот естаблишмент на ДУИ, што значи дека тој беше за нив. Сега тој мора да го штити народот од институции, на чие чело се токму тие лица со кои тој ја водеше кампањата. Значи тука нема логика. Нема нормална личност која верува дека Зибери е натпартиски. Токму затоа што Законот за народен правобранител налага лицето да биде целосно аполитично, ние ќе ја доставиме оваа иницијатива до Уставниот суд – вели Снопче.
Ова беа и главните забелешки на пратениците од Алијанса и Алтернатива при изборот на Зибери за нов народен правобранител.
Зибери на последните парламентарни избори беше кандидат на ДУИ за прв премиер Албанец. Откако идејата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, се изјалови, за Зибери се шпекулираше дека можеби ќе биде премиер во последните 100 дена од владеењето, односно технички премиер.
По изборот на Зибери за народен правобранител, тој во изјава за медиуми рече дека Ахмети ќе одреди кој ќе биде премиер во последните 100 дена.
За тоа одлучува Али Ахмети, вели Зибери, потенцирајќи дека политичките амбициите на Албанците не завршуваат со отворање на Универзитет на албански јазик и избор на претседател на Собрание или министер за надворешни работи.
– Ние треба да имаме премиер Албанец и тоа не е неостварливо. Не е важно дали јас ќе бидам премиер или друг, но добра порака е за соживот во иднина да има премиер Албанец и тоа ќе биде – рече Зибери за ТВ21.