АЛБАНСКИ ДРЖАВЈАНИН ФАТЕН ВО ПУСТОШЕЊЕ ШУМА НА ЈАБЛАНИЦА Со фирма од Струга исекле 178 кубни метри огревно дрво
Исечени се дрвја кои биле во сопственост на шумското стопанство „Јабланица“, во состав на ЈП „Национални шуми“, се вели во билтенот на МВР.
ОВР Струга поднесе кривична пријава против И.Б.(51) од струшкото село Велешта, против правен субјект од истото село и против Н.Ф.(41) од Република Албанија поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „кражба“ на дрва и „пустошење шуми“, информира МВР во билтенот.
СВР Охрид денеска соопшти дека при контрола, извршена на 4 октомври на планинскиот врв „Стрижак“ на планината Јабланица, полициски службеници ги затекнале И.Б., сопственик на правниот субјект, и Н.Ф. при бесправна сеча на 178 кубни метри огревни дрва, сопственост на шумското стопанство „Јабланица“ во состав на ЈП „Национални шуми“.
Според информацијата, била предизвикана материјална штета од 3.920.721 денари.