Албанија од утре почнува со олеснување на рестриктивните мерки
Министерката за здравство и социјална заштита Огерта Манастирлиу, изјави дека стратегијата за постепено отворање е подготвена од Техничкиот комитет на експерти.
Албанија од утре ќе почне со постепено олеснување на дел од рестриктивните мерки воведени поради пандемијата на ковид-19.
Министерката за здравство и социјална заштита Огерта Манастирлиу, изјави дека стратегијата за постепено отворање е подготвена од Техничкиот комитет на експерти.
Оваа стратегија предвидува четири фази за постепено олеснување на мерките, кои се тесно поврзани со еволуцијата на инфекцијата ковид-19 и степенот на нејзиното ширење.
– Почнувајќи од понеделник, 27 април, опсегот на движење за граѓаните ќе се прошири од час и половина на два часа ,одржувајќи ги безбедносните параметри на социјална дистанца, со што ќе се прошири можноста за вршење основни услуги во подолг временски период – рече министерката.
Информираше дека од утре ќе почнат со работа и дел од бизнисите на кои ќе им биде дозволено дејноста да ја обавуваат од 5:00 до 17:30 часот со исполнување на одобрените протоколи, обезбедување на задолжителни хигиенско-санитарни услови и почитување на социјална дистанца за да се гарантира безбедноста на граѓаните и вработените.
– Ќе им се овозможи да работат продавници за облека, за текстил, за чевли и производи од кожа, продавници за мебел, предмети за домаќинство, цвеќари, продавници за миленичиња и нивните намирници во специјализирани продавници, такси – служба , за електронска опрема, детски играчки, спортска опрема, телекомуникациска опрема – рече Манастирлиу.
Додаде дека од понеделник пензионерите, односно повозрасните лица ќе може да се движат од 6:00 до 8:30 часот, граѓаните од 9:30 17:30 часот(со право на движење од два часа со посебна дозвола) придружувани само од едно лице. За лицата кои се на работа и имаат соодветна дозвола не е ограничено движењето.