АЛБАНИЈА НЕ Е ХОТЕЛ ЗА ОДБИЕНИ АЗИЛАНТИ Рама ја критикува желбата на Британија за испраќање мигранти во трети земји
Премиерот на Албанија го осуди тонот и дискурсот што се користи во британската јавност кога се говори за мигрантите, нарекувајќи го „мрачен“ и „неприфатлив“ според стандардите пред Брегзит.
Албанскиот премиер Еди Рама жестоко ја критикуваше политиката на Велика Британија поради обидите на владата на Кир Стармер за депортирање на одбиените баратели на азил во трети земји.
Во интервју за „Гардијан“, Рама откри дека Велика Британија бара формирање „центри за враќање“ надвор од својата територија, каде би се сместувале мигрантите кои добиле одбивен одговор за азил. Тој оцени дека тоа е форма на притисок за создавање притворски кампови, и притоа изрично изјави дека Албанија нема да учествува во таа шема.
– Албанија нема да биде дел од таа идеја, затоа што сме лојални на „нашиот брак со Италија“, и покрај тоа што судовите во Рим постојано ги блокираат депортациите – изјави Рама.
Премиерот го осуди тонот и дискурсот што се користи во британската јавност кога се говори за мигрантите, нарекувајќи го „мрачен“ и „неприфатлив“ според стандардите пред Брегзит.
– Фактот дека вакви работи не само што се замислуваат, туку и се спроведуваат, не значи дека Стармер или Сунак се виновни, туку дека земјата се наоѓа во многу мрачна состојба, рече албанскиот премиер.
Иако тој го нарече британскиот премиер „многу пристојна и прекрасна личност“, сепак јасно стави до знаење дека официјално барање Албанија да се вклучи во проектот – немало.
Инаку, Велика Британија и Албанија веќе имаат потпишано заедничка изјава за справување со нелегалната миграција, како и формирано работно тело, во време на претходната конзервативна влада. Според договорот, повеќе од 1.000 албански државјани се депортирани назад од Британија.
Но, односите меѓу двете земји во повеќе наврати беа затегнати поради реториката на британските политичари дека Албанците „ја преплавуваат Британија со лажни азилантски барања“.