Албанија испрати 30 лекари и медицински техничари во Бергамо
Ова е војна која никој не може да ја добие сам. Драги членови на оваа храбра мисија за живот, тргнувате во една војна која е и наша. Денес сите сме Италијанци и Италија ќе победи во војната и за нас и за цела Европа и светот. Бог да ве благослови сите - рече меѓу другото Рама на испраќањето.
Триесет албански лекари и медицински техничари отпатуваа за Италија за да им помогнат на нивните колеги во Бергамо во борбата против коронавирусот, јави дописничката на МИА од Тирана.
– Испраќањето на здравствениот персонал се случува по вчерашниот разговор меѓу албанскиот премиер Еди Рама и италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи Ди Мајо и го следи барањето на италијанските власти за солидарност и меѓународна помош, како што тоа веќе го покажаа Кина и Русија – наведува Топ чанел.
На меѓународниот аеродром во Тирана медицинската екипа ја испрати Рама кој меѓу другото изјави дека „не може да ја гледа Италија во неволја“, а зборуваше и за помош затоа што „ја сакаме Италија“.
– Ова е војна која никој не може да ја добие сам. Драги членови на оваа храбра мисија за живот, тргнувате во една војна која е и наша. Денес сите сме Италијанци и Италија ќе победи во војната и за нас и за цела Европа и светот. Бог да ве благослови сите – рече меѓу другото Рама на испраќањето.
Албанските здравствени работници на аеродоромот во Рим ќе ги пречека министерот Ди Мајо. Во Италија ќе останат еден месец, а ќе ги плаќа албанската Влада и тоа по 3.000 евра лекарите, а по 2.500 евра медицинските техничари.