Укинат е карантинот за сите кои влегуваат од Македонија во Албанија

413

Техничкиот комитет на експерти за справување со пандемијата попладнево ја укина одлуката за задолжителен двонеделен карантин за сите лица кои од Северна Македонија и од Грција влегуваат во Албанија, јави дописничката на МИА од Тирана.

– Освен укинувањето на задолжителниот карантин за лицата кои влегуваа во нашата земја од Македонија и од Грција, што беше воведен на 20 април,  комитетот врз основа на барањето на Министерството за образование, млади и спорт дозволува отворање на универзитетите, но само за консултации и сезоната за испити, но со строга примена на протоколите и мерките за заштита – изјави Огерта Манастирлиу, министерка за здравство и член на комитетот.






Според неа, сите други ограничувачки мерки остануваат во сила, како што е и забраната за групирање на повеќе од десет лица, како и полицискиот час кој и понатаму ќе трае од 22 до 6 часот.

Задржувајќи се на процесот на имунизација против ковид-19, Манастирлиу рече дека до сега во земјата се пристигнати 748.400 дози вакцини од „АстраЗенека”, „Фајзер”, „Синофарм” и „Спутник В”.

Со вакцинација се опфатени 537 илјади лица, при што над 100 илјади ги примиле и двете дози.

 

Поврзани содржини