АЛАРМ НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО КЛИНИКАТА ЗА ТОКСИКОЛОГИЈА В.д. директорката за 2 месеца направила долг од 32.500 евра
Вработените велат дека Иљази не ги исполнува условите за директорка на клиниката. Освен тоа, работното време на новата директорка трае само 4 и пол часа- тие велат, прецизирајќи со какви проблеми се соочуваат
Вработените во Клиниката за токсикологија јавно обвинија дека oрганизациската директорка Бесија Иљази за само 2 месеца го зголемила долгот на институцијата за речиси 2 милиони денари (32.500 евра), не доаѓа на работа и не потпишува важни документи поради што пациентите чекаат втор месец за валидација на резултатите од токсиколошката лабораторија.
Тие велат дека валидациите доцнат бидејќи директорката не ја потпишала согласноста за договор на дело за двајца дипломирани биолози.
Вработените велат дека Иљази не ги исполнува законските услови да биде директорка на клиниката. Покрај ова таа дневно работи само 4 и пол часа.
„Клиниката нема спроведено постапка за осигурување на имот, осигурување на скапата медицинска опрема и осигурување од лекарска грешка, бидејќи в.д директорката не сака да потпише затоа што не е прифатен нејзиниот брокер за осигурување и моментално клиниката два месеци не е осигурана иако за тоа сме обврзани со закон“, се наведува во соопштението на вработените од ЈЗУ Клиника за Токсикологија.
Засега нема одговор од страна на Иљази на обвинувањата на вработените.