ЈАКУПОВИЌ ОБВИНУВА, ИБРАХИМ ДЕМАНТИРА „Директорката на Турскиот театар на функција поставена со фиктивни документи со помош на пратеникот од ПДТ“

Јакуповиќ, кој е дел од Турскиот театар од 2004 година, е огорчен од ваквиот факт и објаснува дека директорката Скоро била примена после третиот конкурс, откако претходните два биле поништени поради неисполнување услови.

659

Новата директорка на националната установа Турски театар во Скопје, Ајлин Емин Скоро дојде на чело на функцијата преку потпишани фиктивни документи дека имала 5 годишно-искуство во областа на културата, обвинува актерот Един Јакуповиќ, кој истовремено со Скоро поднел документи на конкурсот од Министерството за култура. Тој во разговор за „Локално“ се сомнева дека новата директорка го нема потребното искуство за да биде избрана.

Јакуповиќ, кој е дел од Турскиот театар од 2004 година, е огорчен од ваквиот факт и објаснува дека директорката Скоро била примена после третиот конкурс, откако претходните два биле поништени поради неисполнување услови.






– Конкурс отворен во март, поништен од Министерство за култура поради неисполнување на услови. После десет дена се отвора втор конкурс, но исто така поради неисполнување на услови од двете страни, се поништува. Јас намерно поднесов, не поради тоа што имав амбиции, туку затоа што знаев дека таа страна организира сериозен криминал и за да можам да се спротивставам на тој криминал, затоа морав да поднесам документи. Најапсурдно е што мојот прв официјален влез во театарот е од 2004 година до денес, а мене министерката ми кажува дека не може да го најде моето работно искуство во театар. Третпат го отвораат конкурсот и истата личност што не исполнува услови претходно, сега се избира. Јас имам сериозни информации зошто не ги исполнува – раскажува Јакуповиќ.

Актерот смета дека пратеникот во Собранието и претседателот на Партијата за движење на Турците, Енес Ибрахим „ѝ потпишува на Скоро фиктивни договори дека имала 5 години работно искуство во областа на културата“.

– Впрочем, директорката е и потпретседател на истата партија. Тие како што ги носат документите во министерството, јас си поднесов барање за пристап до информации до јавен карактер и ми јавија дека ќе ми ги предадат да ги видиме сите официјални во рок од две недели, за да поднесеме тужба и до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал, затоа што сметаме дека ова е организиран криминал- се тргува со факти за да некој стане директор. Апсурдноста за да биде уште поголема оди до таму што актуелната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, иако е потпишана и претходно известена, место за да увиди уште анализи и барања да ја види веродостојноста на ова, таа ѝ потпишува решение, по мое мислење само затоа што францускиот предлог требаше да помине во Собрание, а еден од тоа е и пратеникот кој е мозок на цела операција и е потписник на еден фалсификуван документ, кој што по закон мора да го има во Министерство за култура, бидејќи е јавен конкурс и тие документи се чуваат 10 години – вели Јакуповиќ.

На тврдењата на актерот, реагираше и пратеникот Ибрахим. Тој во изјава за „Локално“, вели дека „Јакуповиќ ниту во рамките на театарот, ниту пак надвор од театарскиот свет нема никаква репутација за биде некаков си фактор“.

– Особено поради фактот што дотичниот со години добива плата од таа институција, а нема никаков придонес во работата на НУ Турски Театар. Јас сум пратеник и немам никаква корелација со процесот за избор на директор на НУ Турски Театар. За таа постапка има одговорен ресор и верувам дека целиот процес е спроведен на најтранспарентен начин. А исто така крајно дегутантно е да се злоупотреби НУ Турски Театар за лични хирови и политички калкулации. Бидејќи станува збор за повеќедецениска капитална културна установа која е клучна за целата турска заедница во РСМ. А покрај тоа, сметам дека актуелната директорка е успешна особа која има свој интегритет и квалитет и ваквите подли напади нема да успеат да ја загрозат нејзината енергија и визија за развој на НУ Турски Театар – објасни Ибрахим.

Став по ова прашање побаравме и од Министерството за култура. Од таму информираа дека секој заинтересиран има законско право, доколку тој смета дека постои одредена неравилност при спроведување на постапката, истата да ја пријави пред надлежен државен орган.

– Министерството за култура е отворено и транспарентно за увид во кој било дел од постапката за секој што е засегнат за овој предмет – велат од Министерството.

Целиот текст можете да го прочитате ТУКА.

Поврзани содржини