Драгана Велковска активистката за заштита на животни и животна средина и членка на Советот на Град Скопје поднесе барање до градоначалникот на град Скопје за разрешување на директорката на ЈП Лајка, Тина Петрушевска. Таа исто така поднесе претставка до Агенцијата за храна и ветеринарство за незаконско работење на претпријатието.
Како што вели Велковска, неподобни лица се назначени да решаваат важни прашања, а како резултат на тоа во Скопје ни за илјада години нема да се намали бројот на бездомни животни на улиците.
– Воспоставувањето контрола врз бројот на бездомни животни подразбира работење во согласност со законот, унапредување на законите во склад со најновите научни податоци и искрена посветеност на етички и хуман третман на животните. Ефективното, но најважно од сè, хумано справување со бројот на бездомните животни е многу важен приоритет за жителите на Скопје, вклучително оние кои не се љубители на животни. Крајно време е вистинските луѓе да ги заземат вистинските места. Поставувањето на неподобни кадри е на штета и на луѓето и на животните – се вели во барањето на Велковска.