АКТИВИРАН ВТОРИОТ БЛОК ВО РЕК БИТОЛА Струјата ќе ја користи ЕВН Хоме за снабдување на домаќинствата

Граѓаните нема потреба да стравуваат бидејќи количините на електрична енергија за нив се обезбедени во целост од страна на АД ЕСМ и тоа по цена од 36 евра за мегават час, соопшти Владата.

1,126

РЕК Битола од денеска активира уште еден блок во термоелактраната со што целоно ќе бидат покриени потребите за електрична енергија на ЕВН Хоме која ги снабдува домаќинствата, информира генералниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски.

Ковачевски за ТВ24 вели дека досега на ЕВН Хоме ѝ испорачувале 94 отсто од потребната енергија. Според законот за енергетика годинава ЕСМ треба да обезбедува 70 отсто од потребите на ЕВН Хоме по договорена цена која е пониска од онаа на светските берзи.






– Тоа значи дека од денеска ќе биде 100 отсто, а понатаму ќе имаме и вишок кој ќе го продаваме на отворениот пазар – рече Ковачевски.

Тој додаде дека производството е стабилно и дека во моментов нема место за паника.

Ковечевски информира дека неделава очекува да биде потпишан договор за набавка на јаглен за РЕК Осломеј.

– Ние неколкупати кажавме дека праввиме обид да се обезбеди јаглен за да се произведи повеќе енергија за да се задоволи отворениот пазар. Постапката е во тек, очекуваме во текот на оваа недела да потпишеме договор за 300.000 тони за РЕК Осломеј и веќе од 1 ноември да започне испораката на јаглен. РЕК Осломеј треба да се вклучи од 15 до 20 ноември. Понудите за РЕК Осломеј се од Косово и тој е најоптимално за испорака – рече Ковачевски.

Денеска е распишан нов тендер за набавка на јаглен за РЕК Битола, а понудите ќе се отвораат на 2 ноември. ЕСМ бара 900.000 тони јаглен.

Потврда пристигна и од Владата, која соопшти дека од денеска во функција е ставен и вториот блок на РЕК Битола и дека тоа значи оти комбинатот работи со двата блока како што било предвидено.

„Граѓаните нема потреба да стравуваат бидејќи количините на електрична енергија за нив се обезбедени во целост од страна на АД ЕСМ и тоа по цена од 36 евра за мегават час. Во моментот цените се четири до пет пати повисоки од таа цена, и ова е само показател дека Владата направила добра проценка воведувајќи го Универзалниот снабдувач, кој ги штити домаќинствата и малите потрошувачи. АД ЕСМ моментално ги задоволува потребите на универзалниот снабдувач ЕВН Хоме за снабдување на домаќинствата. Дополнително, кај нас се веќе преземени голем дел од мерките што ги препорача Европската комисија за земјите членки за заштита од ценовните удари со електричната енергија. Донесена беше и мерка за намалување на ДДВ кај електричната енергија во јули годинава. Целта на оваа мерка беше токму заштита на стандардот на граѓаните, односно да се овозможи пониска цена и намалување на трошоците на домаќинствата. Ние како држава не можеме да влијаеме на случувањата на светските берзи, и токму затоа правиме напори преку АД ЕСМ и зголемувањето на производството да обезбедиме дополнителни количини на електрична енергија кои ќе го амортизираат ценовниот шок и на компаниите. Како резултат на соработката со Стопанската комора и Владата, договорено е да се преземат мерки да се обезбеди поевтина домашна електрична енергија преку АД ЕСМ, односно со зголемување на производството на државната енергетска компанија, со цел да се заштити стопанството и стопанските субјекти“, се вели во владиното соопштение.

Со новите насоки, наведено е во соопштението АД ЕСМ како гарант и стабилизатор на цената на електричната енергија, планира дополнително производство од декември 2021 до април 2022 година, за што беше и објавен меѓународен јавен повик за набавка на јаглен за работа на третиот блок во РЕК Битола и за продолжување на работењето на РЕК Осломеј.

„Со оваа произведена енергија треба да се зацврсти електро-енергетскиот систем, додека дополнителните количини, односно вишоци, АД ЕСМ ќе ги продаде на слободниот пазар за македонските компании и со тоа ќе оствари приход за компанијата и за државата. Количините на јаглен за Осломеј ќе се обезбедат, додека за количините на јаглен за Битола објавен е нов повик, и се прават сериозни напори преку соработка на политичко ниво со соседните земји да се обезбедат и овие количини на јаглен. Како дел од соработката со Стопанската комора, се анализираат и можностите за обезбедување на мазут во најкус можен рок, како би можело и ТЕЦ Неготино да се вклучи и да работи со целосниот капацитет. Во наредниот период од две недели очекуваме и ТЕЦ Неготино да започне со пробна работа, имајќи предвид дека последен пат работела во 2009 година. Во однос на повлекувањата на електрична енергија од регионалните системи, ве информираме дека постојат Правила за балансирање кои произлегуваат од Законот за енергетика. Во нив е јасно утврдено дека операторот на електропреносниот систем им фактурира на учесниците на пазарот на електрична енергија за настанатите отстапувања од најавените физички трансакции, по цени пресметани во согласност со методологијата за пресметка за надоместок за услугите на бaлансирање утврдени во правилата за балансирањето на електроенергетскиот систем. Ова значи дека тие потрошувачи што правеле дисбаланси испорачувајќи помалку струја, ќе треба да ги подмират трошоците за настанатата состојба“, наведено е во владиното соопштение.

Првиот тендер за купување на јаглен за РЕК Битола пропадна бидејќи фирмите кои се појавија не обезбедија доволни количини.

На тендерот беше обезбеден јаглен за ТЕЦ Осломеј, а конкурураа три македонски, како и рудници од Албанија, Косово, Русија, Турција и Босна и Херцеговина.

Поврзани содржини