Актерката Стојановска и нејзиниот партнер имале уред кој им кажувал дали полицијата ги снима
Двајцата се изјаснија дека не се виновни.
На денешното судско рочиште за актерката Силвија Стојановска и нејзиниот партнер Воислав Будисавјевиќ, обвинети за производство и пуштање во промет наркотични дроги беше прочитано обвинението, а одбраната ги изнесе воведните зборови пред судот. Двајцата се изјаснија дека не се виновни.
Според обвинението, Стојановска и Будисавјевиќ организирале транспорт на 700 килограми кокаин од Колумбија во Шпанија.
„Во текот на истрагата Обвинителството утврди дека во периодот од јули 2019 година до 18.12.2019 година обвинетите, заедно со тројцата обвинети во Кралството Шпанија, од кои едниот е македонски државјанин, брат на првообвинетиот, како и повеќе лица, зеле учество во неовластено купување, пренесување и продавање кокаин во вкупна количина од 698.758,1 грама. Обвинетите подготовувале и организирале неовластено купување, превезување и сместување на кокаинот од Колумбија до Мадрид, Кралството Шпанија, и барале купувачи на неа“, информира Обвинителството.
Обвинетите меѓусебно комуницирале со користење енкрочат телефонски мобилни уреди, како и енкрочат мобилни апликации со заштитени канали, а користеле и уред за детектирање евентуална полициска инсталација и дигитални преноси за примена на посебни истражни мерки.
Двајцата беа приведени на крајот на декември минатата година. Стојановска е неколку месеци во куќен притвор, а Будисављевиќ во притвор.
Ново судско рочиште е закажано за 7 септември.