АКО ЗАДОЦНЕВМЕ 10-ИНА СЕКУНДИ, НЕМАШЕ ДА СЕ СПАСИМЕ ОД ПОЖАРОТ Сведоците потврдија дека огнот во „Пулс“ се проширил брзо, по што настанало стампедо
Еден од сведоците на денешното рочиште рече дека пожарот предизвикал хаос во дискотеката во Кочани, а тој бил спасен од лице од обезбедувањето и од пожарникар, откако врз него паднала врата и седум луѓе.
Тројца сведоци на денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 63 лица, а над 220 беа повредени, го потврдија она што и претходно го сведочеа другите присутни на кобниот концерт на групата ДНК на 16 март – дека огнот настанал од пиротехниката, брзо се проширил на плафонот, по што настанало стампедо од луѓе кон излезот.
Сведокот Мартин Димитров рече дека пожарот почнал околу 2 и пол часот.
– Почна огнот и им реков на другарите да излезат, тие не беа свесни сè уште. Ја фатив девојка ми и ја истуркав заедно со другарка ѝ. Таа остана на масата, не сакаше да излезе, и јас и нејзиниот дечко ја фативме за раката. Зад нас имаше девојчиња на маса, не беа сè уште свесни дека гори. Се истуркавме до излезот, каде што се заглавивме малку. Ако подзадоцневме 12-ина секунди, немаше да излеземе. Надвор беше хаос и имаше многу луѓе. Додека бев на првата скала, се свртев назад и сѐ беше темно, почнаа да пукаат, најверојатно, светилките – изјави Димитров.
Таа вечер, според негова процена, во „Пулс“ имало 600-700 луѓе.
Во обидите за гаснење на пожарот го забележал само сега покојниот фотограф Александар Ѓорѓиев, кој се обидувал да го изгасне огнот на плафонот фрлајќи чаша со вода нагоре. Нагласи дека не забележал противпожарни апарати, ниту хидранти, освен стрелки за излез над единствената отворена врата.
Димитров посведочи дека во спасувањето на присутните помагале повеќе лица, меѓу кои и обвинети во предметот.
Сведокот Анастасија Илиева потврди дека имало малолетници во дискотеката. Рече дека на влезот не им биле побарани лични карти, а таа била во дискотеката со четири другарки, од кои две малолетни.
Илиева појасни дека околу 2 часот почнал настапот на групата ДНК, а половина час подоцна се вклучиле пиротехничките средства на сцената.
– Јас бев на друга маса, со други другари кога пејачот рече дека се запалило. Мислевме дека е нешто мало, ние не забележавме, мислевме дека ќе се спречи. Тргнавме да излегуваме надвор, меѓутоа настана стампедо – рече Илиева.
Таа раскажа дека забележала густ чад и чуден мирис. Изгубила свест помеѓу вратата и тоалетот, по што била спасена преку дупка направена во ѕидот.
Додаде дека чекала неколку секунди откога пејачот на ДНК на микрофон рекол дека има пожар, претпоставувајќи дека некој ќе ја отвори задната врата бидејќи, најверојатно, била заклучена. Илиева посочи и дека доброволно го предала својот мобилен телефон на обработка, на кој имала снимка од моментот кога се вклучуваат пиротехничките средства и почнува да гори.
Друг сведок, кој, исто така бил гостин таа вечер, посочи дека пожарот се раширил на целиот плафон за 30 секунди, што предизвикало хаос во дискотеката. Тој наведе дека бил спасен од лице од обезбедувањето и од пожарникар. Врз него паднала ПВЦ-врата и врз него имало седум луѓе.
Судењето за пожарот во „Пулс“ се наоѓа во фаза на доказна постапка. На претходното рочиште на 6 април сведочеше Наско Карадаковски, татко на починатиот Александар Карадаковски, кој пред судот изнесе тврдења дека син му бил назначен за управител „за да не пропадне лиценцата“ на објектот, без да ги знае вистинските одговорности.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевски.
Процесот продолжува на 16 април со сослушување сведоци на предлог на Обвинителството, кое го застапува тим од 15 јавни обвинители.