АКО ВОЗИТЕ ВО АВСТРИЈА ВНИМАВАЈТЕ ТАБЛИЧКИТЕ ДА НЕ ВИ БИДАТ ВАЛКАНИ За овој прекршок може да добиете казна од 20, но и од 10.000 евра

Според важечкиот австриски Закон за моторни возила, регистарските таблички и сите светла секогаш мора да бидат чисти и без снег.

63

Казна од 20 до 10.000 евра им се заканува на возачите во Австрија, ако регистарските таблички, светлата, прозорците  и други важни делови од возилото се извалкани и невидливи.

Според важечкиот австриски Закон за моторни возила, регистарските таблички и сите светла секогаш мора да бидат чисти и без снег. Исто така, е пропишано дека возачот мора да има непречен поглед низ сите прозорци и ретровизори – само мал прозорец за гледање не е доволен.






Од Австрискиот авто-мото клуб (ÖAMTC) наведуваат дека ова важи и за странските возачи подеднакво како и за домашните.

-Валканите регистарски таблички се административен прекршок. Ова може да резултира со тоа возачот да биде казнет на лице место од страна на надлежниот орган – во овој случај зборуваме за казна од 20 евра или повеќе – вели  Валтер Фајхтнер од австрискиот државен оддел за транспорт.

Ако сте запрени и не сте го изгребале мразот од два прозорци на автомобилот, светлата се оштетени и има голема количина снег на покривот, лесно може да ве чини 1.500 евра.

Во случај возачот да не плати и против него се покрене прекршочна постапка, казната може да биде значително поголема – понекогаш и до 10.000 евра.

-Но, тоа зависи и од степенот на валканост на возилото и од сериозноста на прекршокот. Особено во случаи на пребрзо возење на австриските патишта, важно е за полицијата регистарските таблички да бидат јасно видливи. И, секако, во случај на сообраќајна несреќа, возачот често може да се идентификува само по регистарската табличка – вели тој.

Тој напоменува дека стоп-светлата и трепкачите мора да бидат чисти од нечистотија и сол од патот и затоа препорачува возачите „да ја проверат регистарската табличка и светлата на своето возило пред да влезат во автомобилот и повремено додека прават паузи на подолго растојание да ги ибришат регистарските таблички.

Од мото клубот објаснуваат дека  Законот за моторни возила не прави разлика помеѓу различните прекршоци. Ова значи дека постои максимална казна од 10.000 евра, но секако, ова не важи за секој поединечен прекршок. Затоа, оваа максимална казна опфаќа сè, од прекршокот за непочитување сообраќајните прописи до нечитлива регистарска табличка или изгребан трепкач.

-Во рамките на овој максимален опсег на казни од 10.000 евра, властите имаат дискреционо право да изречат соодветна казна – појаснуваат од клубот.

Властите не само што ги проценуваат фактите од тековниот случај, туку ги земаат предвид и сите претходни сообраќајни прекршоци и казни на споменатиот возач.

-Секако, казна од 10.000 евра не е пропорционална на валкана регистарска табличка, но може да се изречат неколку казни истовремено – велат од Авто клубот и додаваат дека највисоките казни се применуваат само во исклучително сериозни случаи, кога се извршени неколку сериозни прекршоци истовремено.

Поврзани содржини