Ако воведат пашарина, министрите сами да се качуваат на дрвја и да ги опрашуваат!

Пашарина која е предложена во текстот на новиот Закон за пасишта ќе изнесува 0,3 отсто од државниот просек на нето плата по пчелно семејство.

2,457

Пчеларите алармираат дека во текстот на новиот Закон за пасишта кој се подготвува во Министерството за земјоделство се наметнува давачка за пчеларите кои изнајмуваат земјиште за пчеларници, таканаречена пашарина која ќе изнесува 0,3 отсто од државниот просек на нето-плата по пчелно семејство. Тие очекуваат владините претставници да ги прифатат нивните предлози пчеларите да не плаќаат пашарина туку само кирија. Дел од пчеларите веќе коментираат дека државата сака да им наметне нова давачка и на пчеларите кои имаат пчеларници на сопствено земјиште.

Новиот закон за пасишта меѓу другото треба да го регулира и земањето пасиште под кирија за пчеларници што е практика во земјава воведена и со законот за пасишта од 2007 година. Тоа за пчеларите е неспорно, но реагираат на воведувањето надоместок за пашарина каков што нема никаде во Европа.






– Ние како претставници на пчеларите предложивме наместо таканаречената пашарина кога се има предвид поставувањето пчеларници на државно земјиште – пасиште да се плаќа одреден износ на надомест за користење на земјиштето за поставување на пчелните семејства и за поставување привремени објекти. Нашиот првичен предлог е да се плаќа надоместок од 700 денари за изнајмен еден декар пасиште и плус за поставување привремени објекти. Но овој предлог го дискутиравме пред една година. Во Министерството сѐ уште не се работи на текстот на новиот закон, барем така ме информираа деновиве – вели Менде Трајковски, претседател на Сојузот на пчеларски здруженија.

Тој вели дека предлогот го поткрепуваат со тоа што за разлика од сточарите, пчеларите имаат и дополнителни инвестиции во пчеларникот, односно поставување на електрични заштитни огради за да нема напади од дивите животни врз пчеларникот, како и други инвестиции.

– Пчелите се општо добро и наместо нас да нѐ стимулираат и да ни плаќаат за тоа што се занимаваме со пчеларство, наметнувањето ние да плаќаме пашарина е неприфатливо. Сепак, се надевам дека како потсекторска група во Министерството за земјоделство ќе се избориме да не се воведува таканаречената пашарина – додава Трајковски.

Тој појаснува дека нивниот предлог како потсекторска група бил дискутиран пред една година со директорот на ЈП Пасишта, но целиот процес е запрен и сега се очекува да почне да се работи на новиот текст на законот за пасишта.

Според спорниот текст на законот за пасишта на кој реагираат дел од пчеларите, со член 23 се определува надоместок за пашарина и кај пчелните семејства поставени на државно земјиште дадено под кирија. Членот 23 од предложениот текст на новиот Закон за пасишта гласи:

„Сите површини кои се под култура пасишта а кои се опфатени со договор за закуп по пат на јавен оглас се предмет на колективно напасување. Колективно напасување можат да спроведат сите земјоделски стопанства запишани во единствениот регистар на земјоделски стопанства а кои имаат пријавено капацитети за сточарско производство или производство на примарни земјоделски производи од анимално потекло. Сите земјоделски стопанства кои спроведуваат колективно напасување плаќаат колективна пашарина во износ од 0,3 отсто од просечната нето-плата исплатена минатата година во РСМ по грло ситен добиток, живина и пчелни семејства и 1 отсто од просечна нето-плата исплатена во минатата година по грло крупен добиток. Пашарината се иплатува најдоцна до 15 март во тековната година за претходната година на сметка на ЈП Пасишта“.

Пчеларите велат дека вакви одредби нема во ниедна земја во Европската Унија.

– Европа ќе ни се смее со ваква одредба, односно со утврдување пашарина кај пчелите бидејќи тие не собираат прашок на површината на која се сместени кошниците, туку летаат и до шест километри подалеку. Никаде во Европа, па можеби и во светски рамки нема утврдување на пашарина за пчеларите. Затоа и за нас е неприфатливо да постои ваков надоместок. Тука треба да се има предвид и користа на пчелите за опрашувањето на растенијата како на пасиштата, така и пошироко во природата па еден ваков надоместок кој би се пресметувал според просечната нето плата е издаток кој ќе влијае на развојот на пчеларството – велат пчеларите.

Дел од пчеларите сметаат дека државата преку пашарината ќе сака да им наметне глоба и на пчеларите кои имаат пчеларници на сопствено земјиште, што со оглед на загубите што ги трпат секоја година поради климатските промени ќе значи крај за професионалното пчеларство и можеби на пчеларството од хоби.

– Како тоа ќе се одрази на другите гранки во земјоделството посебно овоштарството не сакаме да коментираме. Но, факт е дека ако се уништи пчеларството, овошките ќе треба да ги опрашуваме рачно. Во САД на пчеларите им се плаќа во просек 220 долари по пчелно семејство за опрашување на познатите калифорниски бадеми. Потребни се околу две колонии на хектар за да се опрашат 1,2 милиони хектари бадеми. Тоа се околу 2,5 милиони пчелни колонии од целата земја. Во Кина како последица на драстично намалување на пчелните семејства (пчелари) во природата, фармерите се принудени рачно да вршат опрашување на своите земјоделски култури – фармерите и нивните деца треба да се искачуваат на гранките вооружени со четки за индивидуално опрашување на секој цвет. Кај нас е обратно – вели пчелар.

Тој додава дека се проценува дека опрашувачите, вклучувајќи ги медоносните пчели, бумбари и дивите пчели, придонесуваат најмалку 22 милијарди евра секоја година во европската земјоделска индустрија, односно 150 милијарди евра на глобално ниво.

Плусинфо побара објаснување од Министерството за земјоделство и од ЈП Пасишта кои работат на текстот на законот, која е целата на надоместокот за пашарина кај пчеларите и како ќе се утврди на кое земјиште паселе пчелите, но не доби никаков одговор. Најверојатно што се планира со овој надоместок ќе можеме да кажеме откако предлог текстот на новиот Закон за пасишта ќе се објави на електронскиот систем на прописи (ЕНЕР).

Во земјава има околу 6.000 пчелари со околу 230.000 пчелни семејства. Најголемиот број пчелари се занимаваат со пчеларство од хоби, а само 10 до 15 отсто се професионални.

Поврзани содржини