АКО ВЛЕЗЕМЕ ВО ВОЈНА, ЌЕ ПОБЕДИМЕ КАКО НИКОЈ ДОСЕГА! Воинствен говор на Трамп на американски носач на авиони
Ќе победиме така како што не победил никој друг пред нас! Ќе влеземе, ќе нанесеме удар, а ако не е потребно да влеземе - уште подобро. Но ако го сторат тоа, ќе победиме – рече Трамп.
САД повеќе би сакале да не се во војна, но ако има војна, ние таа војна ќе ја добиеме – изјави американскиот претседател Доналд Трамп пред илјадници војници на носачот на авиони „Џорџ Вашингтон“, закотвен во јапонското пристаниште Јокосука.
Говорејќи на палубата украсена со американски знамиња и банер со натпис „Мир со помош на сила“, Трамп нагласи дека неговата администрација нема да биде „политички коректна“ кога станува збор за одбраната на САД.
– Од сега натаму, ако влеземе во војна, ние во таа војна ќе победиме. Ќе победиме така како што не победил никој друг пред нас! Ќе влеземе, ќе нанесеме удар, а ако не е потребно да влеземе – уште подобро. Но ако го сторат тоа, ќе победиме – рече Трам.
Претседателскиот хеликоптер Марин Ван слета на палубата во 15:47 часот по локално време, додека војничкиот оркестар на Седмата флота ја изведуваше свечената музика. На Трамп му аплаудираа стотици морнари во камуфлажни униформи, наредени долж палубата, познати како „Реинбоу сајд бојс“ поради разнобојните униформи.
Со него беше и новоизбраната јапонска премиерка Санае Такаичи, со која претходно потпиша договор за соработка во областа на ретките минерали. Двајцата лидери ја опишаа соработката меѓу САД и Јапонија како почеток на „златна ера“ на сојузништво и стабилност во регионот.
– Од пепелта на една страшна војна, нашата врска се претвори во прекрасно пријателство што трае веќе осум децении – рече Трамп, додека публиката скандираше неговото име.
Премиерката Такаичи, која беше поканета на сцената како „блиска пријателка“, во своето обраќање им порача на американските и јапонските војници дека Јапонија останува посветена на „јакнење на одбранбените капацитети и заедничката безбедност“. Таа потсети дека на истото место, пред шест години, Трамп и тогашниот премиер Шинзо Абе стоеле „рамо до рамо“ за да ја потврдат одлучноста на двете држави да обезбедат мир во Индо-Пацификот.
По посетата на Јапонија, Трамп заминува за Јужна Кореја, каде што ќе се сретне со кинескиот лидер Си Џинпинг — во продолжение на неговата азиска турнеја со силна дипломатска и безбедносна агенда.