Ако власта успее преку донација да набави апарати ќе има попис со отпечаток од прст?!

Доколку во СДСМ се единствени за ова прашање, а очигледно не се, бидејќи деновиве високи владини функционери но и самата партија излегуваат со различни ставови за попис со отпечаток од прст, тогаш извесно е дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ тешко ќе стане составен дел од законското решение, бидејќи и владеачката ДУИ и опозициската Алијанса за Албанците од старт го отфрлаат пребројувањето со фингер принт.

1,297

Дури и Владата да обезбеди апарати за отисок од прст, тешко дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за попис со фингер принт ќе помине и ќе стане дел од законот, бидејќи партиите од албанскиот политички блок и од власта и од опозицијата се категорично против ваквото попишување на населението.

ВМРО-ДПМНЕ предложи пописот да се одвива и со отпечаток на прст за податоците кои ќе се добијат од пребројувањето да бидат релевантни, признаени од сите политички фактори и од сите институции и институти и сите да бидат сигурни во резултатите од пописот. Опозициската партија бара да се објави и методологијата за спроведување на пописот, но и законот да не се носи по скратена постапка.






За пописот да не биде нов камен на сопнување помеѓу владеачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, висок функционер од Владата за Плусинфо вели дека прават напори да набават апарати за фингер принт за законот за попис да биде прифатлив и за најголемата опозициска партија и пребројувањето конечно по 18 години да може да се одржи од 1 до 20 април догодина.

– Правиме напори да видиме дали е можно од донација да добиеме апарати затоа што нема време државата да набави, поради постапките и роковите, а сакаме да имаме разбирање за опозицијата. Иако согласно начинот и законот за попис се попишуваат сите и резидентни и нерезидентни, (што се повеќе од една година надвор од државата). Затоа и нема неопходност од фингер принт. Но затоа што е важно за опозицијата правиме напори да најдеме некое решение – изјави за Плусинфо висок функционер од Владата.

Доколку во СДСМ се единствени за ова прашање, а очигледно не се, бидејќи деновиве високи владини функционери, но и самата партија излегуваат со различни ставови за попис со отпечаток од прст, тогаш извесно е дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ тешко ќе стане составен дел од законското решение, бидејќи и владеачката ДУИ и опозициската Алијанса за Албанците од старт го отфрлаат пребројувањето со фингер принт.

Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски попис мора да се направи, бидејќи во спротивно не може да се планира никаков развој во иднина.

– Овој процес кој е тргнат во делот на организација на пописот треба да се одржи. Предлозите се добродојдени. Но прашaње е дали се реални. Дали е реално да се изврши попис со отпечаток од прст како што планира ВМРО-ДПМНЕ, дали е реално да се обезбедат финансиски средства за да можат да се набават ваквите апарати, дали е реално да очекуваме дека некој може да изврши испорака на тие апарати, и најважно сепак е прашањето зошто опозицијата на дебатата која се одвива со години, токму во овој момент се одлучува да поставува некаков нов услов за евенутална поддршка. Затоа ќе кажам. Попис во државата мора да има – изјави Спасовски во гостување на „Утрински брифинг.

Претходно и министерката за одбрана Радмила Шекеринска ја отфрли опцијата за попис со отпечаток од прст. Децидни дека нема да поддржат таков предлог се и од владиниот партнер на Зоран Заев, ДУИ.

– Апсолутно е неприфатлив предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за попис со отпечаток на прст. Опозициската партија тоа го предлага бидејќи тоа одговара на нивниот став за пописот, односно дека треба да биде попишано само населението кое живее во Македонија. Против сме затоа што со отпечаток од прст е невозможно да се попишат граѓаните кои привремено се надвор од државата. Не е работата да правиме дополнителни проблеми, туку како пратеници да ги решаваме проблемите. Ваквиот предлог отвора нови проблеми. Целта на ВМРО-ДПМНЕ е фиктивно да се намали бројот на жителите Албанци во Македонија – ни изјави пратеникот од ДУИ Арбен Зибери.

Против попис со фингер принт е и опозициската Алијанса за Албанците.

– Со ВМРО-ДПМНЕ за пописот се разликуваме во ставовите. Треба да се попишат сите жители и резидентните и нерезидентните, односно тие кои во моментот не се во државата. Ако одиме со отпечаток од прст, тогаш како ќе се земе отпечаток на тие што не се тука? Принципиелно не се согласуваме со предлогот на ВМРО-ДПМНЕ. Треба сите граѓани да се попишат и да се знае колку живеат во Македонија и колку надвор од државата. Сакале или не, пописот поради процентот во Уставот е и политичка операција. Доколку немаше процент од над 20 отсто, тогаш немаше да биде битно ни при спроведувањето на пописот да се наведе етничката припадност. Но за жал, според Утсавот, сѐ уште е битен процентот – ни изјави пратеникот од Алијансата за Албанците Халил Снопче.

Законот за попис во Собранието веќе ја помина првата фаза, односно потребата од негово донесување. Денеска тој е пред пратениците на собраниска седница. ВМРО-ДПМНЕ најави дека со амандмани ќе интервенира за да се подобри предложеното законско решение. СДСМ најави дека ќе ги прифати конструктивните предлози од опозицијата. Дали меѓу нив ќе биде и предлогот – пописот да се спроведе и со фингер принт допрва ќе се види на собраниската седница.

Поврзани содржини