Ако ви е тешко вам, кои имате мали деца и работите од дома, помислете на руралните жени
„Поразувачки за мене е тоа што голем дел од руралните жени и покрај тоа што имаат повеќе од 16 активни работни часови во домаќинството, на нива и со стоката, немаат сопствено здравствено, пензиско и социјално осигурување и никогаш не користеле породилно. Згора на сѐ, за време на пандемијата јас можев голем дел од работата да ја префрлам онлајн, но онлајн земјоделство нема, како што и ниту една потврда не игра улога кога ве чека работа на нива“, вели Лилјана Јоноски, извршна директорка на Руралната коалиција.
Нашата соговорничка Лилјана Јоноски е извршна директорка на Руралната коалиција чија главна дејност е подобрување на квалитетот на живот во руралните средини, едукација, организација и заедничко делување на земјоделците, а во центарот на нејзиниот интерес е родовата рамноправност и економското јакнење на жените од руралните средини, како и нивната целосна социјална инклузија во општеството.
Имено, во рамките на Коалициjата неформално делува и руралното женско лоби составено од активни жени-земjоделки кои делуваат и придонесуваат кон локалниот економски развоj во руралните средини.
За Јоноски, нивната работа на нивите и во домот, грижата за децата, постарите во семејството, нивната незапирлива енергија и позитивна мисла е нејзин мотив да им помогне да бидат рамноправни со мажите во руралните средини, но и со жените од урбаните средини.
„Да слушате дека имаат повеќе од 16 активни часови работа во домаќинството, а дека голем дел од нив немаат сопствено здравствено, пензиско и социјално осигурување или дека никогаш не користеле породилно отсуство, е навистина поразувачки. Дополнително на ова треба да се борат нивниот глас да биде слушнат и во семејството, па и во заедницата. Или пак да слушнете дека жените одат 3-5 километри пеш само за да дојдат до јавен превоз и си одат потоа повторно дома пеш, и во лето и во зима, никогаш нема да ве остави рамнодушни и токму тогаш седнувате на маса и ги гледате сите можни опции и решенија како да им помогнете“, вели Јоноски.
Прочитајте го целиот текст на порталот „Мајка и дете“.