АКО УКРАИНА ДОБИЕ РАКЕТИ „ТОМАХАВК“ ОД САД, РУСИЈА СООДВЕТНО ЌЕ ОДГОВОРИ Тоа би била сериозна ескалација, предупреди Кремљ

Од друга страна, не постои магичен лек или семоќно оружје што би му помогнало на режимот во Киев. Ниту едно оружје не може радикално да го промени текот на настаните, вели портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

166

Кремљ денеска предупреди дека, во случај САД да ја снабдат Украина со ракетите „Томахавк“ за напади длабоко на руска територија, тоа ќе значи дека следи нова рунда опасна ескалација меѓу Русија и Западот, пренесоа британските медиуми.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија видела извештаи дека САД размислуваат за таков потег и дека ако тоа се случи, ќе биде потребен руски одговор.






– Ако тоа се случи, тоа ќе биде нова сериозна рунда тензии, што ќе бара соодветен одговор од руската страна. Од друга страна, исто така е очигледно дека не постои магичен лек или семоќно оружје што би му помогнало на режимот во Киев. Ниту едно оружје не може радикално да го промени текот на настаните – му изјави Песков на дописникот од Кремљ, Павел Зарубин.

Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, изјави во неделата дека Вашингтон го разгледува барањето на Украина за испорака на ракети „Томахавк“.

Претседателот Володимир Зеленски го замоли американскиот претседател Доналд Трамп да ги испорача тие крстосувачки ракети со долг дострел за време на состанокот на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации.

Томахавк е субсонична крстосувачка ракета со долг дострел, дизајнирана за прецизни напади врз копнени цели. Нејзиниот оперативен дострел е помеѓу 1.600 и 2.500 километри. Првпат беа употребени во борба за време на операцијата „Пустинска бура“ во 1991 година, а денес се клучен дел од американскиот арсенал.

Секоја ракета чини околу два милиони долари, а ги произведува „Рејтеон“. Дострелот на „Томахавк“ би ставил големи делови од Русија, вклучувајќи ги Москва и Санкт Петербург, во дострел на украински ракетни напади.

Поврзани содржини