АКО СТЕ СИГУРНИ, БУЈРУМ ВО СОБРАНИЕ! Мицкоски до Груби за изјавата дека уставните измени ќе добијат поддршка од 80 пратеници

Одлично, супер, нека ги поднесат предлог иницијативата во парламентот и ќе види дали имаат или немаат. Зошто тогаш лидерски средби за уставни измени ако имаат 80 пратеници – праша Мицкоски.

292

Ако Груби е сигурен дека имаат 80 пратеници за уставните измени, нека ја поднесат иницијатива во парлементот – изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски при денешната посета во Илинден, на прашањето како ја коментира изјавата на вицепремиерот Артан Груби дека имаат 80 пратеници за уставните измени.

– Одлично, супер, нека ги поднесат предлог иницијативата во парламентот и ќе види дали имаат или немаат. Зошто тогаш лидерски средби за уставни измени ако имаат 80 пратеници? Мислам дека господинот Груби има поинаква намера, но јас му посакувам многу успех во неговата политичка кариера и сепак државниот интерес е пред и над сè, тука го вклучувам и личниот интерес, некогаш во животот треба да направите и чекор два назад – рече Мицкоски.






Toj одговори на новинарско прашање во врска со барањето на албанските партии за тргање на формулацијата „20 отсто” од Уставот.

– Јас би се вратил на суштината, а суштината е дека и Македонците и Албанците и Турците и Србите и Власите и Бошњаците и Ромите лошо живеат, тешко живеат. Да се фокусираме на тие проблеми, да ги решаваме проблемите на граѓаните. Да не создаваме нови поделби и да не создаваме нова поларизација која што никому не му оди во прилог – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски исто така појасни дека во оваа насока пострашно беше дообјаснувањето на некои претставници на албанските партии кои спомнуваат дводомен парламент, нешто што според него е многу погрешен чекор и го нарушува унитарниот карактер на Македонија.

– Пострашно беше тоа што го кажаа како дообјаснување претставниците и лидерите на албанските партии а тоа е формирање на дводомен парламент што би значело де факто и де јуре федерализација и мислам дека тоа е многу погрешен потег и нарушување на унитарниот карактер на Македонија, бидејќи мислам дека ниту на Европа ниту на светот не му е потребно уште една Босна на Балканот и уште нефункционална држава. Една веќе имаме таква, тоа е Босна и не му е потребно да биде и Македонија. Ние сме против и рековме тогаш дека тоа е црвената линија за која што сме подготвени да ја браниме со сите средства и алатки кои што ни стојат на располагање како политичка партија – истакна Мицкоски.

Тој потсети дека е спремен да разговара и за Бадентер и за Балансерот.

Да разговараме за намалување на тој праг од 20 на 5, на 10, 15 отсто, ако сакаме да бидеме навистина граѓанско општество, па и Турците, и Бошњаците и Ромите да можат во општините каде што се повеќе од тие проценти да зборуваат на својот мајчин јазик, бидејќи суштината на Рамковниот договор е таа. Суштината на Рамковниот договор е да го покаже мултиетничкиот карактер на Македонија, а не да ја направи Македонија бинационална држава, за тоа сме против – рече Мицкоски.

Поврзани содржини