АКО СНЕМА СТРУЈА НА ГЛАСАЧКОТО МЕСТО, ЌЕ ВЛЕЧЕМЕ КАБЕЛ ОД КАЈ КОМШИИТЕ Батеријата на фингерпринтите трае само 12 часа
Во изминатиов период детектиравме 34 гласачки места ширум државата каде што има проблеми со електричната енергија, но сега, со асистенција на ЕВН, конечно успеавме да ги решиме тие проблеми, вели Љупка Гугучевска, портпаролка на Државната изборна комисија (ДИК).
Фингерпринт апаратите што ќе се користат на денот на локалните избори в недела можат да издржат најмногу 12 часа без да бидат вклучени во штекер, но доколку на избирачкото место снема струја и не дојде подолго од 12 часа, тогаш апаратот ќе биде приклучен на мобилен полнач, односно на резервен агрегат за струја, вели Љупка Гугучевска, портпаролка на Државната изборна комисија (ДИК).
Таа објаснува дека во изминатиот период биле детектирани проблеми со електричната енергија на повеќе места каде што ќе се спроведува гласањето, но како што вели, со асистенција на ЕВН пронајден е начин како да се надминат проблемите за да не дојде до прекин на изборниот процес.
– Фингерпринтите имаат батерија која може да издржи 12 часа доколку во некое гласачко место снема електрична енергија. Доколку се потроши батеријата и сè уште нема струја, тогаш постои можност граѓаните да гласаат со УВ-ламба и со спреј. Но, отисок од прстот ќе им биде земен и на тие граѓани кои ќе гласаат на старомоден начин, а тоа ќе се прави со графитно перниче. По завршувањето на гласањето, тие отисоци ќе се одработат во просториите на ДИК и на тој начин ќе се утврди веродостојноста, односно ќе се одговори на прашањето дали некои гласачи можеби го злоупотребиле своето гласачко право. Сепак, ние во изминатиов период детектиравме 34 гласачки места ширум земјата каде што има проблеми со електричната енергија, но сега, со асистенција на ЕВН, конечно успеавме да ги решиме тие проблеми. Најчесто тоа беа гласачки места во планински села, па одлучивме дека е најдобро на денот на гласањето таму да однесеме мобилни агрегати, а ако е потребно ќе спроведеме и кабел од соседните објекти каде што постојано има електрична енергија – објаснува Гугучевска.
Ако се расипе апаратот, податоците ќе се префрлат во нов
Ако некој од фингерпринтите се расипе, Гугучевска вели дека не постојат шанси да се загубат податоците од луѓето кои го дале својот глас.
– Податоците се безбедни и тие ќе бидат префрлени во новиот апарат. Секако, ние ќе имаме стотина распределени техничари ширум Македонија кои ќе се грижат за исправноста на апаратите. Ако еден фингерпринт се расипе, тогаш техничарите ќе пристигнат на гласачкото место и веднаш ќе се обидат да го поправат, бидејќи најчестиот проблем се „баговите“ кои треба да бидат избришени. Но, ако се работи за посериозен проблем и ако техничарите не успеат да го поправат фингерпринтот, тогаш ќе биде поставен нов апарат во кој ќе бидат префрлени податоците од расипаниот уред. Ние имаме 500 резервни апарати распределени по општините, а можноста да се расипе апаратот е околу 5 отсто. Така што, не очекуваме посериозни проблеми и сметаме дека гласачкиот ден ќе заврши успешно – вели Гугучевска.
Ако еден фингерпринт се расипе, тогаш техничарите ќе пристигнат на гласачкото место и веднаш ќе се обидат да го поправат, бидејќи најчестиот проблем се „баговите“ кои треба да бидат избришени.
Пред неколку дена во просториите на ДИК беше извршена презентација на апаратите кои ги паметат сите податоци што ќе се случат на избирачкото место. Апаратите паметат кој и во колку часот се одјавил, колку пати имало обиди за идентификација од прст на еден гласач.
Овие апарати нема да се употребуваат за биометриска идентификација на лицата заразени со ковид-19 или во самоизолација, за болните и за немоќните. Овие лица, како и затворениците, лицата во притвор, во стaрските домови и внатрешнораселените лица, ќе гласаат ден пред изборите, односно в сабота на 16 октомври. За утврдување на идентитетот и проверката дали веќе гласале, и за нив нема да се користат уредите, туку спреј и УВ-ламба.
Гласањето во неколку чекори:
1. Прво што правите откако ќе пристигнете на гласачкото место е да ги дезинфицирате рацете.
2. На членот на Избирачкиот одбор му приложувате важечка лична карта или пасош.
3. За момент ја симнувате заштитната маска од лицето за да се изврши идентификацијата.
4. Се доближувате до фингерпринтот и на означеното место го ставете десниот показалец.
5. По споредувањето на отпечатокот со тој во Избирачкиот список, на екранот на уредот се појавува вашата фотографија и вашиот реден број во Избирачкиот список.
6. Зелена светилка ќе светне ако првпат гласате. Црвена светилка ќе светне ако веќе сте гласале. Жолта светилка ќе светне ако уредот не може да пронајде совпаѓање на отпечатоците.
7. Ако е сè во ред, тогаш се потпишувате во Избирачкиот список, добивате гласачко ливче и одите зад параванот за гласање.