Јавното обвинителство предлага да се казнат 2.746 лица поради прекршување на пропишаните мерки за зашита од коронавирусот. Според податоците на Обвинителството, 2.597 лица не го почитувале полицискиот час, 111 граѓани не се придржувале на самоизолација и 37 физички и правни лица како угостители послужувале гости. Ова се податоци за изречени казнени налози од сите 22 основни обвинителства во земјава, а се однесуваат на периодот од 17 март до 8 јуни 2020 година.
Сите овие граѓани, како што велат од Обвинителството за Плусинфо, се казнети според членот 206 од Кривичниот законик кој се однесува на непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
На граѓаните кои го сториле кривичното дело од член 206 став 1 од Кривичниот законик, односно оние кои за време на епидемија на опасна заразна болест не постапиле според прописите или наредбите со кои се определуваат мерки за нејзиното сузбивање или спречување, вообичаено им се изрекуваа казни од по 100 дневни глоби, а вредноста на една дневна глоба се движи од 1 евро до 5.000 евра во денарска противвредност. Ако во просек сите овие граѓани биле казнети со по 2.000 евра, грубите пресметки покажуваат дека во буџетот се очекува да легнат над пет милиони евра. Дали овие пари ќе бидат инкасирани од државата, зависи и од тоа дали непослушните граѓани и фирми ќе поднесат приговор и во судска посапка ќе го докажуваат спротивното или пак ќе ја признаат вината и ќе ја платат казната.
Во Обвинителството велат дека само едно лице е обвинето за кривично дело пренесување заразна болест по член 205 став 1 од Кривичниот законик за што е предложена парична казна од 10.000 евра во денарска противвредност.