„АКО СИ БОЛЕН И НЕ ДОАЃАШ НА СУДЕЊА, ЌЕ ОДИШ ВО ПРИТВОР“ Судијката не покажа разбирање за сопственикот на објектот во кој работеше дискотеката „Пулс“

Имам сепса на градите, имам и бактерија на грбот, не можам да го следам веќе судењето, барам судот да преземе нешто – рече четвртообвинетиот Милковски.

1,565

Четвртоообвинетиот за пожарот во Кочани, Гроздан Милковски, сопственик на објектот во кој беше сместена дискотеката „Пулс“, денеска, пред почетокот на рочиштето за трагичниот пожар, рече дека слушнал како некои групи во Кочани „се спремаат да го лишат“.

Тој побара од судот да преземе нешто затоа што е многу болен и нема услови да доаѓа на рочиштата.






– Имам сепса на градите, имам и бактерија на грбот, не можам да го следам веќе судењето, барам судот да преземе нешто. Јас не можам повеќе да плаќам шофери да ме возат на рочиштата, час ипол натака, час ипол навака. Се враќам и во кревет се борам за живот. Слушам и дека некои групи во Кочани се спремаат да ме лишат – рече обвинетиот Милковски.

Судијката Дијана Груевска Илиевска рече дека е информирана од лекарите за неговата здравствена состојба.

– Знам дека ви е најдена бактеријата. Судот направи сѐ што можеше, судот не може да ви обезбеди превоз до судницата – рече судијката.

Обвинетиот на тоа одговори дека во тој случај нема да доаѓа на судењето.

– Ако не дојдете на рочиште ќе одите во притвор, а оттаму ќе ве спроведуваат на судењата. Првиот пат кога нема да се појавите, јас веднаш ќе ви одредам притвор. Вам ви е должност да дојдете – рече судијката.

Обвинетиот на тоа одговори дека така е подобро.

– Ако треба, ќе одам во притвор – рече Милковски.

Во пожарот кој настана од пиротехника во дискотеката „Пулс“ на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а над 210 беа повредени. Во предметот што се суди во големата судница на Кривичниот суд во Идризово се обвинети 35 гизички и 3 правни лица, за делото Тешки дела против општата сигурност.

Поврзани содржини