АКО САКАТЕ НЕКОГО ДА УСРЕЌИТЕ, ПРОЧИТАЈТЕ ЗА ДАНИЕЛ ШТАЈН, ПРЕВЕДУВАЧОТ Животот е чудо, а Улицкаја тоа многу добро го опишува

Главниот лик, Даниел Штајн, е Евреин со полско потекло, кого во животот го следи среќа или како што вели тој – му се случуваат чуда, поради што станал свесен дека мора да возврати на истиот начин – и тој да усреќи некого и да направи чудо за некого.

332

Еврејското прашање и секоја дилема што тоа може да ја отвори, е веројатно една од темите која вечно ги инспирира писателите, особено ако таа е поттикната од животот на вистинска личност. Освалд Руфајзен односно брат Даниел е директна инспирација на извонредната руска писателка Људмила Улицкаја за ликот на Даниел Штајн, преведувачот.

Приказната во романот „Даниел Штајн, преведувачот“ (Антолог, 2022) е раскажана преку писма и записи на неколку личности кои се поврзани меѓу себе или некогаш биле во контакт посредно или непосредно, а денес се расеани на сите страни на светот. Читателот ја склопува приказната полека и сѐ позаинтересирано, во меѓувреме запознавајќи се детално со судбините на сите други ликови кои ги пишуваат писмата меѓу себе, а во кои пишуваат за себе, за своите семејства и за своите познаници. Главниот лик, Даниел Штајн, е Евреин со полско потекло, кого во животот го следи среќа или како што вели тој – му се случуваат чуда, поради што станал свесен дека мора да возврати на истиот начин – и тој да усреќи некого и да направи чудо за некого.






„Што е чудо? Она што претходно никој не го видел, што никогаш не се случило? Она што излегува од границите на нашето искуство? Што му противречи на здравиот разум? (…) Дали тоа значи дека чудата не им се случуваат на оние што не се религиозни? Не значи“, им раскажува отец Штајн на учениците.

Бидејќи одлично зборувал полски и никој не можел да открие дека е Евреин, за време на Втората светска војна, станал личен преведувач на полициски намесник и од таа позиција успеал да спаси многумина Евреи од логор и од загарантирана смрт. Не се плашел да признае дека е Евреин кога неговиот шеф сфатил дека токму неговиот преведувач во кого имал огромна доверба, ја осуетил акцијата и ги предупредил жителите на едно село да избегаат пред налетот на нацистите. Се криел во женски манастир, облечен како монахиња, бегал, преживувал без храна и без вода. На крајот патот го одвел во Израел, каде проповедал како католички Евреин, помагал секому наспроти сите препреки кои морал да ги совлада.

Личната слобода, идентитетот и националноста се некои од големите философски прашања кои ги отвора Улицкаја преку ликот на лекарот Исак Гантман, пријател на Штајн.

„Цел живот ме интересира темата за лична слобода. Отсекогаш ми се чинела најголемо богатство. (…) но, она со кое дефинитивно не успеав да се справам, она од кое не можев да се ослободам е националноста. Не можев да престанам да бидам Евреин“, пишува Гантман во своите записи.

„Забранетата“ љубов е уште една тема која ја допира Улицкаја преку ликовите на синот на Ева Манукјан, кој ја открива својата хомосексуалност, но и на младата Германка Хилда, најблиската соработничка на Штајн во Израел, која ќе се вљуби во женетиот Арап Муса.

„Те сакам, и ја сакам слободата што стои зад тебе, иако и двајцата страдаме од она што го знаеме – слободата не е за нас, ние ја крадеме, без да знаеме од кого. И сепак длабоко сум уверен оти Бог е на наша страна“ ѝ пишува Муса на Хилда во писмото во кое признава дека на светов постојат малку арапски мажи што би се решиле да ѝ ги кажат овие зборови на една жена.

Романот „Даниел Штајн, преведувачот“ е книга која несомнено мора да се прочита, книга која нема да ве остави ни малку рамнодушни, туку ќе ве натера да размислувате за себе и за своето место во светот. За среќата што ве следи и за сето она што вие можете да го направите за да усреќите некого и да го направите светот подобро место за живеење.

Поврзани содржини