АКО РУСИЈА ГО ПРЕКРШИ ПРИМИРЈЕТО, ЕВРОПА И САД ВОЕНО ЌЕ ОДГОВОРАТ Украина се договорила со западните партнери
Во случај на проширен напад, координираниот одговор на силите поддржани од Западот, вклучувајќи ја и американската војска, би се активирал 72 часа по почетното кршење на примирјето.
Украина се договори со западните партнери дека секое руско кршење на идниот договор за прекин на огнот ќе предизвика координиран воен одговор од Европа и од САД, објави денеска Фајненшл Тајмс, повикувајќи се на информирани извори.
Украински, европски и американски функционери во декември и јануари неколку пати разговарале за планот, а тој би вклучувал одговор во повеќе фази на секое руско кршење на договореното примирје.
Според предлогот, секое руско кршење на примирјето би предизвикало одговор во рок од 24 часа, почнувајќи со дипломатско предупредување и, доколку е потребно, акција на украинската војска за да се запре нападот.
Доколку непријателствата продолжат понатаму, би се преминало на втората фаза – интервенција со користење сили на таканаречената „Коалиција на подготвените“, која вклучува повеќе членки на ЕУ, како и Обединетото Кралство, Норвешка, Исланд и Турција.
Во случај на проширен напад, координираниот одговор на силите поддржани од Западот, вклучувајќи ја и американската војска, би се активирал 72 часа по почетното кршење на примирјето.
Претставници на Киев, Москва и на Вашингтон ќе се сретнат во Абу Даби утре и задутре на разговори за ставање крај на војната.