Ако решила да не прави скандал во Софија, зошто направи во Скопје?

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова можела да ја избегне непријатната фото сесија со бугарското и без македонското знаме, без да предизвика скандал. За да не ѝ кажат после - е сега можеш да се сликаш!

13,323

Македонија и Бугарија немаат територијален спор меѓу себе.

Колку што ми е познато, Скопје не преговара со Софија за излез на Черното Море. Имаше едно време кога сичките бехме за Варна, ама тоа, нели, беше само една глупава шега.






Не спориме ни за Белото Море, бидејќи се помиривме, нели, дека е грцко.

Македонија и Бугарија не спорат ни за тоа кој врв е повисок, Мусала или Кораб. Би било тоа еден пријатен спор, за промена…

Во основата на спорот меѓу Софија и Скопје е бугарското негирање на самобитноста на македонската држава и на идентитетот на македонскиот народ. И затоа секоја провокација што води кон омаловажување на Македонија и на Македонците е болна и на неа мора да се одговори, одлучно и достоинствено.

И гордо, нели.

Можам да разберам зошто претседателката Гордана Сиљановска Давкова не сакала да ги расипе сопствените позитивни импресии од разговорот со нејзиниот бугарски колега Румен Радев и затоа одлучила да не прави скандал во моментот кога сфатила дека на фотосесијата со домаќинот ќе се фотографира со бугарското и без своето македонско знаме. Но, претседателката морала да води грижа и за моите и за импресиите на илјадници македонски граѓани кои ќе ја погледнат таа фотографија, на која таа и Радев позираат насмеани, а нашето државно знаме – никаде го нема.

Нашите чувства се важни, бидејќи претседателката ја претставува својата нација секаде и во секое време и тоа е нејзината најважна уставна обврска.

Претседателката Сиљановска Давкова на телевизија Сител објасни што мислела и како постапила во критичните моменти.

„Кога тргнавме, мислевме дека ќе одиме во просторија за разговор. Одеднаш, кога влегов во просторијата, ги видов двете знамиња и требаше да размислам што да направам. Едната мисла беше дека можам да си заминам и ќе направев скандал, а другата беше дека домаќинот ги утврдил правилата и дека домаќинот греши, а не јас. Во тој момент решив дека е подобро сепак да не правам скандал“, вели таа.

Да бидам искрен, нејзината втора мисла и не ја разбрав баш најдобро, но не знам како на претседателката не ѝ паднала на ум трета, спасоносна мисла,  да побара пауза и да му каже на својот домаќин да се донесе македонското знаме. Доколку Радев одбиел да го стори тоа, во што се сомневам, тогаш Сиљановска Давкова можела да му каже – ако средбата нема формален карактер, тогаш нема ни потреба од формална фото сесија.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова можела да ја избегне непријатноста и без да предизвика скандал.

Можела, едноставно, да не се слика.

За да не ѝ кажат после – е сега можеш да се сликаш!

Луѓето од нејзиниот кабинет, кои не се или барем не би требало да се јабанџии, знаеле колку е чувствителна оваа средба меѓу Сиљановска Давкова и Радев. За тоа сведочи и овој дел од интервјуто на претседателката на Сител:

„Нема зошто да има одговорност на шефот на протоколот, бидејќи цело утро и амбасадорката и шефот на мојот протокол бараа контакт по телефон со шефот на протоколот на Радев, но тоа не беше можно. Дури ни кога влеговме, ниту на шефот на мојот протокол ниту на амбасадорката не им беше предочено дека според протоколарните правила за овој вид на посета, нема потреба од истакнување на знамето на гостинката“.

Ако добро разбирам, претседателката знаела дека патува во Софија без при тоа нејзиниот шеф на протоколот и нејзината амбасадорка да имаат било каков контакт со шефот на протоколот на Радев. Дури ни телефонски. Што е страшно, само по себе. И ако е така, тогаш навистина одговорноста за ризикот била само – нејзина.

Како и да е, штом нашата претседателка решила да не прави скандал во Софија и покорно да позира на фото  сесијата без македонското знаме, тогаш по нејзиното враќање дома требало да си седи мадро и да си молчи, а не од Софија да бара „објаснување“ за спорната фотографија со бугарското знаме.

Или, полесно е да се направи скандал во Скопје одошто во Софија?

Поврзани содржини