АКО ПРОФИТОТ Е ПРЕД ГРАЃАНИТЕ, ГЛОБИТЕ ЌЕ БИДАТ РЕКОРДНИ Мицкоски најави „жестоки мерки“ за трговските ланци

Премиерот Мицкоски најави построги казни за трговските ланци кои ги игнорираат правилата и го ставаат профитот пред интересот на граѓаните, предупредувајќи дека мерките ќе бидат „жестоки“ доколку апелите не донесат резултат.

1,975

Во првиот квартал од годинава се очекува до Парламентот да бидат поднесени законски измени со кои максималните глобите за трговските ланци кои не ги почитуваат Законот за нефер трговски практики ќе бидат значително зголемени. Денес, највисоката казна изнесува 20.000 евра, но по новите измени таа ќе стане далеку построга.

Премиерот Христијан Мицкоски при денешното пуштање во употреба на новата градинка во Сопиште предупреди дека апелите досега не дадоа резултат и најави дека Владата ќе преземе „жестоки мерки“ против трговците кои ги злоупотребуваат правилата и го ставаат профитот пред граѓаните.






– Како Влада не сме љубители веднаш на репресивни мерки, но мора да испратиме јасна порака: ако не се почитуваат правилата и интересот на граѓаните се става на страна, тогаш немаме други опции. Тие сакаат да добиваат, а граѓаните да губат. Документираме сè и внимателно следиме. Кога ќе бидеме целосно подготвени, ќе преземеме жестоки мерки – рече Мицкоски.

Премиерот додаде дека дел од ланците за кои се зборува се рецидив од минатата влада на СДСМ и ДУИ, а сегашната Влада само го процесуирала случајот и испраќа порака на предупредување.

– Нашата цел е фер трговска практика и заштита на потрошувачите. Ако некои ланци не ја разберат пораката и продолжат да ставаат профитот пред граѓаните, тогаш ќе следуваат зголемени казни и построги контроли – додаде премиерот.

Законските измени треба да обезбедат силен механизам за контрола и да ги заштитат граѓаните од нефер трговски практики, со цел секогаш да се обезбеди рамноправност на пазарот.

Поврзани содржини