📽️ АКО ОВА МОЖЕ ДА МИ СЕ СЛУЧИ МЕНЕ… Претседателката на Мексико поднесе тужба против мажот што се обиде да ја бакне
Претседателката Клаудија Шајнбаум стана жртва на сексуално вознемирување пред камерите, но не замолкна, нејзината реакција ја претвори во симбол на отпор и достоинство.
Мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум повика сексуалното вознемирување да стане кривично дело на национално ниво, откако и самата стана жртва на таков инцидент. Настанот, кој беше снимен и споделен илјадници пати на социјалните мрежи, предизвика огромна реакција во јавноста и отвори сериозна дебата за безбедноста и почитта кон жените во Мексико.
На видеото се гледа како непознат маж, очигледно под дејство на алкохол, ѝ приоѓа на претседателката, се наведнува кон неа и ја допира со рацете, обидувајќи се да ја бакне. Шајнбаум, иако изненадена, останува прибрана – со вкочанета насмевка ги оттргнува неговите раце и му вели само: „Не грижи се“.
Следниот ден, таа поднесе официјална тужба. „Ако ова може да се случи на претседателката, што тогаш им се случува на младите жени во нашата земја?“, порача Шајнбаум, додавајќи дека чувствува морална обврска да реагира – не само за себе, туку во име на сите жени во Мексико.
Градоначалничката на Мексико Сити, Клара Бругада, потврди дека мажот е уапсен, нагласувајќи дека секое вознемирување на жена, особено на највисоката државна функција, е напад врз сите жени.
Во своето дневно обраќање до медиумите, претседателката повика државните власти низ Мексико да ги преиспитаат своите закони и постапки за да им овозможат на жените полесно и побезбедно да пријавуваат случаи на вознемирување.
– Сакаме секој Мексиканец да слушне гласно и јасно, личниот простор на жените не смее да се нарушува – истакна таа.
Шајнбаум откри дека и самата доживеала слични ситуации уште како дванаесетгодишно девојче додека патувала со јавен превоз до училиштето.
– Ова не е само моја приказна. Тоа е реалност за многу од нас – додаде претседателката.
И покрај инцидентот, Шајнбаум нема намера да го промени својот пристап кон народот. Позната по тоа што често се движи меѓу луѓето, сликајќи се и ракувајќи со нив, таа одби да ги зголеми мерките за безбедност.
Инцидентот се случил кога претседателката одлучила да пешачи од Националната палата до Министерството за образование, пат кој инаку би го поминала со автомобил за дваесетина минути.
Сега, овој несреќен настан стана симбол на поширока борба, за достоинство, за безбедност и за општество во кое ниту една жена, без разлика на нејзината положба, нема да мора да го преживее истото.
View this post on Instagram