АКО НЕМА НОВ БУЏЕТ, ТОГАШ ИМА СТАР Данела да не се занесува со нови избори за градски советници
Постојат решенија, а едно од нив е временото финансирање. Тоа значи дека буџетот се пресликува исто онака како што бил проектиран за претходната година. Во превод, активностите не запираат, ама немате можност за финансирање нови проекти. Како и да е, јас мислам дека нема да дојде до распишување избори за советници, вели претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески.
Освен непотребно трошење пари и ресурси, јас не гледам ништо корисно од предлогот на скопската градоначалничка Данела Арсовска да се распишат избори за советници во Град Скопје, доколку градскиот буџет не биде изгласан до крајот на годината, вели во разговор за Плусинфо претседателот на Советот, Трајко Славески.
– Арсовска истакна дека едно од решенијата за проблемите во Град Скопје во поглед на неможноста да се изгласа градскиот буџет е да се распишат нови избори, ама само за советници, а не за градоначалник. Уште веднаш ќе кажам дека такво нешто не држи вода и бадијала ќе се трошат парите на граѓаните. При евентуално распуштање на Советот, градоначалничката најверојатно планира да настапи со листа на изборите и очекува да добие сопствени советници, бидејќи во моментов, од вкупно 45 советници, таа има поддршка само од двајца. Меѓутоа, што ќе се случи ако повторно бидат изгласани истите советници? – посочува Славески.
Тој вели дека постои законско решение, а тоа е привремено финансирање, доколку буџетот не биде изгласан до 31 декември.
– Постојат решенија, а едно од нив е временото финансирање. Тоа значи дека буџетот се пресликува исто онака како што бил проектиран за претходната година. Во превод, активностите не запираат, ама немате можност за финансирање нови проекти. Како и да е, јас мислам дека нема да дојде до распишување избори за советници. Мене повеќе ме загрижува тоа што не постои комуникација на градоначалничката со советничките групи, а постојат општини каде што самите граѓани им кажуваат на градоначалниците што да стават во буџетот. Дури вчера советниците во Град Скопје добија писмо од градоначалничката за да предложат приоритети во рамки на програмата за модерно Скопје, а без да биде наведен рок – објаснува Славески.
Инаку, поднесувањето оставка од градоначалничката фотелја не е опција за Данела Арсовска.
– Оставка не е опција, туку избори за Советот, како што тоа беше случај во Општина Тетово. Доколку советниците одлучат дека не треба да поддржат функционален буџет за граѓаните, за реализација на проектите и за модерно Скопје, тогаш, по автоматизам, нивниот мандат престанува и ќе си одат на локални избори и ќе си дојдат советници кои ќе работат во интерес на граѓаните. Меѓутоа, мој личен впечаток е дека таму има искусни луѓе, и во политиката и како советници, и никој не би понел таква политичка штета по нив. Мене ми е јасно дека на двете најголеми политички партии во државата не им е мило да видат дека некој поединец се обидува да смени нешто што се случува и во градот и во државата – рече Арсовска во вчерашното гостување на „Топ тема“ на Телма.