АКО НЕКОЈА ПАРТИЈА СПРОВЕДУВАЛА БОЈКОТ, ТАА ЌЕ СИ ОДГОВАРА ПРЕД ГРАЃАНИТЕ Изборите беа фер и демократски, рече Кузеска од СДСМ
Граѓаните можеа слободно да одлучуваат за иднината на земјата. Благодарност до сите граѓани кои излегоа на гласање, рече Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Изборите беа фер и демократски. Констатирани се одредени неправилности, но тие се незначителни, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција по затворањето на гласачките места во 19 часот.
– Граѓаните можеа слободно да одлучуваат за иднината на земјата. Благодарност до сите граѓани кои излегоа на гласање. Особена благодарност изразуваме за граѓаните кои го дадоа гласот за СДСМ и за кандидатот за претседател Стево Пендаровски. Во исчекување сме на првичните резултати од изборите – рече Кузеска.
На новинарско прашање како ја оценуваат одлуката на некои политички партии да спроведат тивок бојкот за претседателските избори, Кузеска одговори:
– Секоја партија ќе си одговара пред себе и пред граѓаните. СДСМ повикуваше на масовност и ги повикуваше граѓаните да го исполнат своето право на глас. Ние никогаш не сме биле кочничари. И затоа денеска излегуваме со една ваква оценка за изборниот процес – рече Кузеска.