АКО НЕ ВЛЕЗЕМЕ ВО ВЛАДАТА, ТОГАШ ОДИМЕ НА ИЗБОРИ Таравари ги смета уставните измени за приоритет
Ако не станеме дел од Владата, тогаш одиме на избори. Нема друго решение. Сепак, приоритет за нас се уставните измени и затоа сме спремни да станеме дел од Владата за да го помогнеме процесот, рече Арбен Таравари, лидер на Алијанса за Албанците.
Постои реална можност за влез на нашата партија во Владата, но засега нема конкретна понуда за такво нешто, истакна вечерва лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, кој гостуваше во дебатната емисија „Клик плус“ на ТВ21.
– Постои можност за влез во Владата. Сѐ уште не ни е доставена конкретна понуда, но ние сме во постојана комуникација. Гледате како е во Собранието. Мислам дека сме 60-60. Собранието не може да создаде мнозинство без помош на Алијанса за Албанците – рече Таравари.
Според него, можноста постои затоа што тоа го бара меѓународниот фактор, и доколку тоа го бараат и граѓаните, во тој случај Алијанса може да биде дел од Владата.
– Ако не станеме дел од Владата, тогаш одиме на избори. Нема друго решение. Сепак, приоритет за нас се уставните измени и затоа сме подготвени да станеме дел од Владата за да го помогнеме процесот – истакна лидерот на Алијанса за Албанците.