АКО НЕ ВИДАМ МАКЕДОНЕЦ ВО БУГАРСКИОТ КОМИТЕТ, НЕМА ДА ВИДИТЕ БУГАРИН ВО МАКЕДОНСКИОТ УСТАВ Мицкоски испрати остра и јасна порака

Не знам дали сте знаеле, ама во Бугарија има Комитет за малцинства во кој членуваат претставници на Роми, Турци, Ерменци. А ние Македонците, кои имаме 14 пресуди во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, не заслуживме место во тој комитет, а тие заслужија место во нашата Преамбула. Додека не видам таму Македонец кој е дел од тој комитет, нема ни милиметар да мрднам додека сум премиер, истакна Христијан Мицкоски.

2,160

Премиерот Христијан Мицкоски, на денешната собраниска седница за пратенички прашања испрати недвосмислена порака до официјална Софија – без вклучување на македонски претставник во бугарскиот Комитет за малцинства, нема да има уставни измени во Македонија.

– Не знам дали сте знаеле, ама во Бугарија има Комитет за малцинства во кој членуваат претставници на Роми, Турци, Ерменци. А ние Македонците, кои имаме 14 пресуди во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, не заслуживме место во тој комитет, а тие заслужија место во нашата Преамбула. Додека не видам таму Македонец кој е дел од тој комитет, нема ни милиметар да мрднам додека сум премиер – порача Мицкоски.






Во врска со уставните измени, Мицкоски истакна дека обврската за нивното спроведување ја презела претходната влада со прифаќањето на Францускиот предлог.

Тој рече дека актуелната влада изработува стратегија како да го надмине овој предизвик, но без да се отвораат нови барања и отстапки.

– Кога го имате овој факт, седнувате како влада и правите стратегија. Гледате што добиваат граѓаните и државата. А кога министерот за надворешни работи на источниот сосед ќе каже дека ова е само почеток, а не крај на барањата – тогаш е јасно дека мора да се размислува државнички – изјави премиерот.

Во контекст на односите со Европската Унија, Мицкоски го најави извештајот на европскиот известувач за Македонија, кој вклучува признавање на засебен македонски идентитет и јазик.

Тој го оцени ова како историски момент, бидејќи за првпат Европскиот парламент ќе гласа за таков документ, и ги повика пратениците од опозицијата да лобираат кај нивните европски колеги за негово усвојување.

Сепак, премиерот предупреди дека и покрај поддршката од некои европратеници, реакциите од бугарска страна и поднесените амандмани не влеваат оптимизам.

– Ќе видиме дали европратениците од Бугарија ќе се однесуваат проевропски, или како што досега покажуваат – како од Средниот век – изјави Мицкоски.

Гласањето по извештајот во Европскиот парламент се очекува во јули, а во меѓувреме, според Мицкоски, Владата останува цврсто на позицијата – нема уставни измени без реципроцитет од Бугарија и без јасно видлива промена на нејзиниот однос кон македонското малцинство.

Поврзани содржини