Ако не се прочистат листите, преку Мој термин ќе се „вакцинираат“ и починатите
Утрово разговарав со министерот и го информирав дека на списоците се појавуваат починати лица, дека не е поврзана базата на податоци на Фондот за здравство со базата на податоци од Мој термин. Синоќа проверив и гледам дека на листата се појавуваат пациенти кои починале пред 10 или пред шест месеци, вели претседателката на Здружението на приватни матични лекари.
Огромен број починати пациенти се на списоците за приоритетна вакцинација, реагира претседателката на приватните матични лекари д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари. Таа за Плусинфо вели дека утрово на средба со министерот за здравство Венко Филипче го информирала за тоа и побарала преку вкрстување на податоците од Фондот за здравство и од Мој термин, матичните лекари да добијат прочистена листа на пациенти за приоритетна вакцинација.
Се чека интервенција на Филипче за да се добијат уредни списоци без починати лица.
– Утрово разговарав со министерот и го информирав дека на списоците се појавуваат починати лица, дека не е поврзана базата на податоци на Фондот за здравство со базата на податоци од Мој термин. Синоќа проверив и гледам дека на листата се појавуваат пациенти кои починале пред 10 или пред шест месеци. Очекувам да направат вкрстување на податоците од базата на Фондот и таа на Мој термин за да ни испратат прочистени списоци без починати пациенти – вели д-р Чолакова.
Таа додава дека во спротивно ќе излезе дека матичните лекари не си ја завршиле работата. Ќе се појавува дека матичните лекари не закажале термин за вакцинација на сите приоритетни пациенти, а на списокот всушност ќе фигурираат починати пациенти. Од друга страна починатите „заземаат“ место и време на живите пациенти кои сакаат да се вакцинираат преку Мој термин
И покрај првичната реакција и незадоволство на матичните лекари дека преку Мој термин ќе се закажува вакцинацијата бидејќи и онака имаа премногу работа, д-р Чолакова вели дека сепак олеснителна околност е воведувањето на електронскиот начин на закажување за вакцинација преку vakcinacija.mk. Таа додава дека уште вчера, првиот дек откако почна да функционира електронското закажување голем број граѓани веќе се регистрирале. Министерот Филипче синоќа информира дека само за неколку часа за вакцинација се регистрирале повеќе од 8.000 граѓани. Д-р Чолакова очекува дека таквиот начин на закажување за вакцинација, пред сѐ, ќе го искористат помладите и тие на средна возраст кои впрочем секојдневно користат интернет.
Наспроти електронското закажување за вакцинација, таа вели дека закажувањето преку Мој термин сѐ уште е лабаво. Кај неа на пример од вчера до денеска се пријавиле околу 10 пациенти. Лекарката објаснува дека станува збор за пациенти кои претходно примиле вакцина против сезонскиот грип. Поради тоа д-р Чолакова сугерира епидемиолозите да објаснат или да излезат со насоки дали и на колкаво временско растојание треба да се вакцинираат пациентите против коронавирусорт а, кои веќе примиле вакцина против сезонскиот грип, за да не дојде до несакани реакции кај тие пациенти.