АКО НЕ СЕ ИСПОЛНУВААТ ОЧЕКУВАЊАТА, ТОГАШ И ПАТИШТАТА СЕ РАЗДЕЛУВААТ Пукна ли тиквата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска?
Секој проект кој цениме дека не е во насока на добрите политики ние нема да го поддржиме, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на прашање дали Арсовска сѐ уште има поддршка од него.
Секој проект поврзан за Град Скопје, кој е во вистинска насока, без разлика дали е од градоначалничката Данела Арсовска или од мнозинството во Советот ќе ја има нашата поддршка. Секој проект кој цениме дека не е во насока на добрите политики ние нема да го поддржиме, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на прашање дали Арсовска сѐ уште има поддршка од него.
Тој по денешниот состанок со претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, рече дека за него е важно Скопје да се развива и затоа поддржале независен кандидат.
– Но, во животот имате моменти кога ќе видите дека очекувањата не се исполнуваат и тогаш патиштата може едноставно да ви се разотидат. Важно е патот на ВМРО-ДПМНЕ да е оној кој е вистинскиот, а Скопје да биде метропола, и преку советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе продолжиме така да делуваме – рече Мицкоски.
Тој во однос на доскорешниот генерален секретар во Град Скопје, Ѓоко Велковски, и разрешениот в.д. директор на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински, истакна дека има апсолутна поддршка во нив и оти верува во нивното чесно работење.
Имено, Перински е разрешен во петокот, на 9 септември 2022 година.
Град Скопје го разреши Златко Перински, в.д, директорот на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ поради самоволие и несоодветно постапување во постапка за милионски тендер. Поради обиди за влијание кои се сметаат за тенденција која ги потврдува основаните сомнежи на Град Скопје за самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач на тендер вреден 136 милиони евра, за изведба на пречистителна станица, Перински е разрешен во петокот на 09.09.2022 година, соопштенија од Град Скопје.
Мицкоски апелираше до новиот директор, да го заврши овој проект, бидејќи е важен за скопјани.
– Посакувам среќа во работата на градоначалничката, на новиот секретар и на новиот директор на ЈП „Водовод и канализација“ да го реализираат ветеното за модерно Скопје и да го реализираат овој проект кој е исклучителн значаен – заклучи Мицкоски.