АКО НЕ ПОСКАПЕШЕ СТРУЈАТА, ЕСМ ЌЕ ОДЕШЕ ВО ПОГОЛЕМА ЗАГУБА Бислимоски смета дека компанијата мора да застане на здрави нозе

ЕСМ го презема ризикот да ја обезбеди електричната енергија за потребите на домаќинствата по 65 евра, а реално неговата производна цена е помеѓу 90 и 100 евра за мегават-час. Значи, од старт ЕСМ, за да обезбеди околу три милијарди и 200 милиони киловат-часови, работи со загуба, вели претседателот на РКЕ.

33

Последното зголемување на цената на струјата не можеше да се избегне, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.

Бислимовски смета дека треба да се покаже разбирање за „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) бидејќи државната компанија, како што вели, мора да застане на здрави нозе.






– Во тој дел ние каде што ги регулираме цените, во делот на мрежарините, ние ја намаливме цената за пренос и дистрибуција и како збир ја намаливме за 5% бидејќи постоеше простор да ја намалиме. Ја намаливме и цената на МЕПСО, ја намаливме и цената на Електродистрибуција, ја намаливме и цената на МЕМО. Кај делот на ЕСМ треба сите да покажеме разбирање. Ситуацијата е тешка, ЕСМ работи во загуби и ЕСМ е стожерна компанија во енергетскиот сектор. За ЕСМ дали да опстои или да не опстои, ние немаме сценарио Б. ЕСМ мора да застане на здрави нозе, ЕСМ мора да си го зголеми своето производство на електрична енергија, но и треба полека да го гледаме ЕСМ не само како производна компанија, туку и како компанија која, покрај тоа што произведува електрична енергија, и продава електрична енергија – рече Бислимоски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

На прашањето дали можеа државните електрани да останат на 62 евра за мегават-час, како цена по која досега ја продаваа струјата на универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“ и да не ја зголемуваат на 65 евра, Бислимоски рече дека ако останела истата цена, ситуацијата ќе била полоша, бидејќи компанијата работи со загуба подолг период.

– ЕСМ го презема ризикот да ја обезбеди електричната енергија за потребите на домаќинствата по 65 евра, а реално неговата производна цена е помеѓу 90 и 100 евра за мегават-час. Значи, од старт ЕСМ, за да обезбеди околу три милијарди и 200 милиони киловат-часови, работи со загуба. Дополнително, ЕСМ продава електрична енергија и на ‘Електродистрибуција’ за покривање на загубите, тоа се околу 800 милиони киловат-часови, но таму цената е 105 евра за мегават-час. Значи, таму каде што му е најголемата продажба, таму се најголемите загуби. И сега, да останеше 62 евра, уште повеќе финансиските загуби во ЕСМ ќе се зголемуваа, така што треба да му дадеме шанса на ЕСМ полека финансиски да закрепнува и мислам дека тоа ќе се случи во наредниот период – вели Бислимоски.

Поврзани содржини