АКО НЕ ДОБИЕМЕ ПАРИ, ПУТИН ЌЕ ДОБИЕ ЖЕЛБА ДА ЈА ОСВОИ ЦЕЛА УКРАИНА Зеленски ги убедува европските лидери да му обезбедат репарациски заем
Украинскиот претседател рече дека украинска делегација веќе е на пат за САД, каде во петок и сабота ќе има средби со администрацијата на Трамп.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина ќе биде во големи проблеми, а Владимир Путин ќе биде охрабрен да ја продолжи војната ако Европската Унија не одобри репарациски заем заснован врз замрзнатите руски средства. Европските лидери денеска и утре одлучуваат како да ја финансираат Украина во следните две години, зашто таа се соочува со опасност да остане без пари уште во второто тримесечје од 2026 и со тоа да ја изгуби војната.
– Без овој заем, ќе има големи проблеми за Украина. Денес не зборуваме за репарации само во смисла на обнова на Украина. Нам ни требаат пари за нашата војска и за нашето воено производство. Но, ако се постигне договор за крај на војната, тогаш овие пари ќе бидат искористени исклучиво за обнова – вели Зеленски.
Тој ги повика европските лидери да ја обезбедат поддршката за Украина и да ѝ покажат на Русија дека продолжувањето на војната е бесмислено.
– Исходот на овие разговори, исходот за Европа, мора да биде таков што Русија ќе почувствува дека нејзината желба да продолжи со борбите следната година е бесмислена, бидејќи Украина ќе има поддршка. Ако Украина не добие заем од ЕУ, Путин ќе добие желба да ја освои целата земја. Ќе бидеме послаби и поранливи ако немаме доволно пари за живот и оружје. Апсолутно е јасно дека Путин во таква ситуација нема да сака никаква дипломатија, никаков дијалог. Што ќе прават тогаш Европа, САД и сите други – рече Зеленски.
Членките на ЕУ ќе разгледуваат две опции на самитот во Брисел, при што се преферира користењето на замрзнатите руски милијарди како заем за Украина. Најголемиот дел од овие пари се чува во белгискиот депозитар „Евроклир“, па Белгија најгласно се противи на оваа идеја зашто стравува од тужби од Русија, кои веќе се најавени. Другата идеја, поддржана од Белгија, е ЕУ да позајмува пари на меѓународните пазари, што Унгарија веќе го отфрли.
Зеленски денеска изјави дека украински преговарачи се на пат кон САД за разговори за ставање крај на војната со Русија.
– Нашиот тим ќе биде во САД во петок и сабота, изјави Зеленски.
Американските медиуми „Политико“ и „Аксиос“, повикувајќи се на неименувани извори, објавија дека е планирана средба меѓу претставници на Кремљ и администрацијата на претседателот Доналд Трамп во Мајами, на која би се разговарало за мировниот план што неодамна беше разработен во Берлин од Украина, европските сили и САД.
Како што пренесува ДПА, не се очекува средба на која би присуствувале претставници на САД, Русија и Украина заедно.
Според извештаите, на американската страна разговорите ќе ги предводат специјалниот пратеник на САД Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зет на претседателот Доналд Трамп, додека на руската страна се очекува да учествува Кирил Дмитриев, главен преговарач на претседателот Владимир Путин.
Белата куќа засега не ги потврди разговорите.