АКО НЕ ИЗЕДЕТЕ СÈ ОД ЧИНИЈАТА, ЌЕ ПЛАТИТЕ КАЗНА Пристигнуваат нови правила за рестораните, гостите во шок
Во германски ресторани казнуваат по 3 евра за секои 100 грама неизедена храна, со цел да се намали расфрлањето и да се поттикне одговорно консумирање.
Во Дортмунд, сè повеќе ресторани одлучуваат да стават крај на фрлањето храна со воведување казна за гостите кои ги оставаат своите чинии полни.
Навидум строгата мерка има јасна цел: да се намалат огромните количини храна што завршуваат во корпата секој ден поради преценување на сопствениот апетит.
На бифеата со опција „јадете колку што можете“, многумина земаат повеќе отколку што можат да изедат. Резултатот? Рестораните фрлаат десетици килограми храна на крајот од денот.
Во познатиот ресторан „Лахуху“ во Унионфиртел во Дортмунд, воведено е правило од 3 евра казни за секои 100 грама храна оставена на чинијата. Политиката е јасно прикажана на видливи места, а таксата е наречена „дисциплинарно евро“.
Огромни количини на отпад од храна
Податоците од германското Сојузно министерство за земјоделство и храна покажуваат дека дури 10,8 милиони тони храна се фрлаат годишно во Германија, од кои угостителскиот сектор е одговорен за околу 2 милиони тони.
Синдикатот за храна, угостителство и услуги (NGG) ја поддржува оваа практика, но сугерира дека парите од казните не треба да останат само кај сопствениците на ресторани, туку тој дел треба да оди кај персоналот, а остатокот за хуманитарни цели, како што е програмата „Леб за светот“.
– Воведувањето на вакви правила ги принуди луѓето да размислат колку храна навистина можат да јадат. Секоја порција има вредност, а зад неа стојат работа, ресурси и време – велат од „NGG“.
Ова не е само етички, туку и економски проблем. Рестораните кои фрлаат храна во вредност од стотици евра секоја недела не само што губат пари, туку и ја загрозуваат одржливоста на нивниот бизнис. Овие пари, според синдикалците, би можеле да се инвестираат во повеќе вработени или подобри плати.
Пораката е јасна, јадете колку што сакате, но не претерувајте. Во свет каде што милиони луѓе немаат што да јадат, луксузот на фрлање храна станува општествено неприфатлив.