АКО МИНИСТЕРКАТА ЗНАЕЛА ЗА ПОЖАРОТ ПРЕД 9 ЧАСОТ, ЗОШТО НЕ ПРИЈАВИЛА? Данела се огласи во врска со пожарот во Универзална сала
Зошто ако работниците и инженерката на фирмата ‘Универзал Балкан’ се обидувале да го гасат пожарот, и откако не го локализирале и дозволиле истиот да се прошири, не пријавиле и не побарале помош од противпожарната бригада Скопје, каде многу подоцна во 9:50 е пријавено од страна на случаен минувач?, праша Данела и додаде дека Град Скопје не бил известен за отпочнување на градежната реконструкција на објектот.
„Министерката изјавува дека осознала за пожарот пред 9 часот и дека објектот е осигуран. Противпожарната бригада на Град Скопје информира дека пожарот е пријавен од случаен минувач во 9: 50 часот, а бригадата за пет минути, односно во 9:55 часот пристигнала на местото и пристапила кон гаснење на пожарот со девет возила и 24 пожарникари. Зошто ако министерката осознала за пожарот пред 9 часот, истото не го пријавила?“.
Вака праша градоначалничката на Скопје Данела Арсовска на денешната прес-конференција посветена на пожарот кој минатата недела ја зафати металната конструкција на Универзалната сала која се реконструира.
Скопската градоначалничка постави дилема и околу изјавата која по опожарувањето на Универзалната сала ја даде Лазар Арсовски, сопственик на фирмата „Универзал Балкан“, која работи на реконструкцијата на салата. Тој тогаш изјави дека двајца работници и инженер кои во моментот на избивање на пожарот биле во Универзалната сала, пробале да го изгасат огнот со противпожарен апарат, но дека не успеале.
– Зошто ако работниците и инженерката на фирмата ‘Универзал Балкан’ се обидувале да го гасат пожарот, и откако не го локализирале и дозволиле истиот да се прошири, не пријавиле и не побарале помош од противпожарната бригада Скопје, каде многу подоцна во 9:50 е пријавено од страна на случаен минувач? – праша скопската градоначалничка.
Арсовска побара одговор и на прашањето, на што сопственикот на фирмата која ја реконструира Универзалната сала ја темели констатацијата дека пожарот најверојатно настанал од стар кабел или стара инсталација, како и на која локација во објектот започнал пожарот односно каде работниците почнале да интервенираат.
Според Арсовска, Град Скопје како сопственик на Универзалната сала, не добил никакво известување ниту информација за отпочнување на градежните активности во објектот за кои, како што рече, се дознава од изјавите на министерката за култура.