Ако лаже Фокус, Млад борец не лаже
Во договор со Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, Плусинфо повремено ќе преобјавува делови од негови колумни објавени во дневниот весник „Дневник“. На тој начин, освен што ќе ги освежиме сеќавањата на овој исклучителен интелектуалец, сакаме да придонесеме и за активностите на Фондацијата која го продолжува неговото благородно дело. Во оваа колумна професорот Марјановиќ пишува за тоа дека апсолутната власт без легитимитет поопасна е само апсолутната власт со легитимитет.
РЕПРИНТ (Објавено во „Дневник“ на 19.08.1998 година)
Пишувањето книга за нешто што минало бара, од време на време, да се посегне по стари писма, книги, списанија и весници. Така ми дојде в раце еден примерок на МЛАД БОРЕЦ (бр. 1682 од 07.11.1990), вистински времеплов, посветен на изборите 1991, со мозаик од портрети на тогашните партиски лидери на насловната страница: Во горниот ред Гане Тодоровски од МААК (сега амбасадор во Москва), Славко Милосавлевски од Социјал-демократската партија (сега амбасадор во Белград), Љупчо Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ (тогаш се пишуваше со “п”, а не “б”), па Петар Гошев од СКМ-ПДП (со одвај по некое бело влакно во косата, ева), во долниот ред Ѓорѓи Марјановиќ од Лигата за демократија (со лошо врзана кравата), па Влатко Стефановски од Народната партија (намуртен како и секогаш), Стојан Андов од Сојузот на реформските сили (замислено загледан некаде в десно), потем оној Хаљиљи од ПДП (му го заборавив името), а одозгора до долу, преку целата страница Киро Поповски од Социјалистичката партија (Бог да го прости).
Читам по нешто од текстовите за да видам има ли некоја нишка што тогашна политичка Македонија ја поврзува со денешнава. И, Богами, наоѓам!
Никола Младенов (под наслов „Македонијо, гласај за себе!”) за тогашниот Извршен совет на СРМ ќе рече: „Тоа што е најкритикувана, сѐ уште не значи дека е и најслаба влада!”. Во меѓувреме дојдоа и некои други влади, која од која покритикувана, а сите стабилни до немајкаде.
Инаку, за власта на тие избори конкурираа „дузина партии” и (ни тогаш, како ни сега, впрочем) никој со никого не бил во коалиција, што, за Никола, е добро: „Нека се испроба секој, нека види колкави му се можностите!”.
Она што од тој текст ни денес не загубило на актуелност е заклучокот на (и тогаш и сега) луцидниот автор: „Изборниот резултат, кој би значел расцепканост на избирачкото тело на повеќе партии, од кои ниедна не може сама да формира влада, не ќе е гласање против, туку ЗА Македонија. Во спротивно може да ни се случи Хрватска, како потврда на тезата која вели дека од апсолутна власт без легитимитет, поопасна е само апсолутната власт со легитимитет!”.
Во истиот број г. Љупчо Георгиевски (на крајот од своето интервју) вели: „Можеби како никоја друга, македонската интелигенција денес калкулира и го чека победникот за да може успешно да се престрои во постизборната фаза. Немањето став на таа македонска интелигенција за било што е она што мене ме разочарува, не како партиска личност, туку како човек”.
Денес, чувствувајќи ја силата на ВМРО-ДПМНЕ и можноста да се офајдат од нејзината евентуална победа, на оваа партија ѝ пристапуваат многумина „интелектуалци”. Да беше сега г. Георгиевски оној млад неоромантичар од пред девет години, ќе имаше причина да биде уште поразочаран. Само, ни тој не е веќе она што беше.
Целата колумна прочитајте ја на следниот ЛИНК.
***
Сакате да продолжите со читањето на останатите 319 колумни? Обезбедете си примерок!
Оваа колумна е само една 319-те издадени во збирката наречена едноставно „Колумни“. Оваа книга, како и сите останати во издание на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, не се продаваат на „традиционален“ начин. туку се добиваат како благодарност за вашата донација. Финансиските средства обезбедени од донациите ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, што е една од стратешките определби на Фондацијата.
Инструкции за нарачување За да ја добиете оваа книга, кликнете на копчето Донирај на следниот ЛИНК и во полето за забелешка наведете ја адресата на која сакате да ви биде доставена книгата. Донирајте износ по Ваш избор во Фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, а книгите заедно со автограм од авторот ќе Ви бидат доставени на Вашата домашна адреса. Забелешка: Можете да донирате износ по Ваш избор, но не помал од 1000 ден + поштарина. Поштарината за испорака во Македонија изнесува 130 денари. За испорака надвор од Македонија, контактирајте ја Фондацијата претходно.