АКО КОРИСТИТЕ МЕЛАТОНИН, ОВА ТРЕБА ДА ГО ЗНАЕТЕ Долготрајната употреба носи ризик од срцева слабост

Експертите предупредуваат дека потребни се дополнителни истражувања, бидејќи милиони луѓе редовно земаат мелатонин без консултација со лекар.

212

Ново истражување на Американското здружение за срце (American Heart Association) открива дека луѓето кои редовно земаат мелатонин во подолг временски период имаат зголемен ризик од срцева слабост и предвремена смрт, пренесува Ен-Би-Си Њуз (NBC News).

Анализата, спроведена на повеќе од 130.000 возрасни лица, покажала дека корисниците на овој популарен препарат за спиење имаат двојно поголеми шанси да развијат срцева слабост и трипати поголема веројатност да бидат хоспитализирани поради тоа, во споредба со оние кои не го земаат редовно.






Според NBC News, иако студијата не докажува дека самиот мелатонин ја предизвикува болеста, неговата долготрајна употреба може да укажува на подлабоки здравствени проблеми.

– Можеби нема потреба веднаш да трчате кај лекар ако земате мелатонин, но добро е да направите преглед. Редовната зависност од додатоци за спиење понекогаш е знак дека нешто посериозно се случува со вашето здравје – вели новинарката Ерика Едвардс.

Во студијата било забележано дека 4,6% од луѓето кои земале мелатонин развиле срцева слабост, наспроти 2,7% од оние што не го користеле. Дополнително, 19% од корисниците биле хоспитализирани поради оваа состојба, наспроти 6,6% од контролната група.

Важно е да се напомене дека истражувањето се однесува само на пациенти на кои мелатонинот им бил пропишан од лекар, а не на оние што го купуваат без рецепт. За повремена употреба на овој препарат, нема докази дека претставува ризик.

Сепак, експертите предупредуваат дека потребни се дополнителни истражувања, бидејќи милиони луѓе редовно земаат мелатонин без консултација со лекар. Стручњаците потсетуваат дека само затоа што нешто е достапно без рецепт, не значи дека е безбедно за сите, ниту дека треба да се користи долгорочно.

Поврзани содржини