„ЈАКО“ контра ФФМ: Ни побараа бордо дрес!
Откако новите дресови на Македонија предизвикаа незадоволство во јавноста, од Федерацијата ја обвинија германската компанија.
Во соопштението до јавноста, првиот човек на ФФМ, Муамед Сејдини, ја обвини германската компанија за производство на спортска опрема во врска со новите дресови со кои македонската репезентација треба да настапи на Европското првенство, но истите не беа прифатени од навивачите.
Од производителот на опремата „ЈАКО“, пак, ексклузивно за „СПОРТ1.мк“, доаѓа сосема поинаква верзија на целата приказна.
– Луѓето од ФФМ нѐ известија во текот на вчерашниот ден дека не сакаат вашиот национален тим да игра на ЕВРО 2021 во новите дресови со балканскиот рис. „ЈАКО“ воопшто не го очекуваше ова. Според ФФМ, главна причина за револтот во јавноста е бојата на дресовите. Во моментот кога Македонија се пласира на ЕП, од ФФМ од нас побараа дрес со специфичен дизајн со балканскиот рис и тоа во – бордо боја. Ние го произведовме дресот точно како што од нас беше побарано и го презентиравме на 28 мај – изјавил за спортскиот портал Нико Вагнер, задолжен за односи со јавноста во „ЈАКО“.